Македонците сакаат повеќе да јадат скара, а Украинците се научени на супи, чорби или нешто направено од тесто. Сепак, и едните и другите се мирољубиви и се со отворени срца. Ова во интервју за ММС го посочува Украинецот, Александар Урбанович кој десет години живее во Скопје, а стои на чело на Здружението Лесја Украинка.
Низ разговорот со него, во продолжение ви ја доловуваме сликата за интеграцијата на украинските граѓани кои пристигнаа овде по воениот конфликт во нивната татковина.
Според вашите информации, колку бегалци од Украина престојуваат во земјава?
-Според нашата статистика во Македонија има отприлика околу 350 луѓе што се со регулиран престој од хуманитарни причини или привремена заштита. И отприлика се наоѓаат 1500 или 2000 луѓе што тука седат може по два три месеца и после продолжуваат некаде.
Како е регулиран нивниот престој? Како егзистираат, лесно ли доаѓаат до вработување?
-Тоа е еден од тешките моменти и едно од нештата со кои тие се борат. Законите во Македонија не се баш едноставни за вработување на странците. Странецот мора да конкурира на пазарот на труд со Македонецот и ако има некоја струка, нострификацијата на неговото образование може да трае и до една година. И поради тоа, не сите можат тоа да го докажат па и парично да го издржат, цело време да чекаат документи. А ако се вработат тоа е некое работно место кое не е соодветно на нивната струка. Вториот момент е дека Македонија им дозволува вработување ако извадат документ кој не е лична карта, но е за привремена заштита. Значи само таа привремена заштита им гарантира можност за вработување. Само така кога ќе им „помине“ платата ќе имаат здравствено осигурување и тие и нивните деца.
Каква е ситуацијата со образовните услови за децата кои доаѓаат од украинските семејства? Како се интегрираат тие во нашите училишта и дали веќе го учат македонскиот јазик?
-Колку што знаеме ние во нашето здружение тие деца што одбрале да се школуваат тука во Македонија лесно се имаат снајдено бидејќи македонскиот и украинскиот јазик се слични. Не им треба многу време да го совладаат јазикот. Но не многу луѓе посетуваат тука училиште бидејќи учат онлајн. Но има деца што одат и на школо исто како и македонските деца. Тие се примаат без никакви забелешки, сите се радосни.
Кои се недостатоците или слабостите во македонскиот систем кои на некој начин им отежнуваат во интеграцијата?
-Бидејќи тука комуницираме и со македонскиот бизнис, можам да кажам дека на Македонија ѝ фали работна рака. Македонците кои се газди на фирми сакаат да ги вработат Украинците, но се соочуваат со бирократија. Тоа е долга постапка. Ако дојде Украинец да бара работа тоа може да трае со месеци и тоа не може секој да го издржи. Поради тоа ние инсистираме тоа да се поедностави, бидејќи и на Македонија ѝ фали работна рака.
Имате ли комуникација со институциите за да им ги предочите овие проблеми?
-Да, ние комуницираме заедно со УНХЦР, со Црвен крст, со Влада и заедно со Украинската амбасада. Сме испраќале и дописи во кои сме инсистирале тоа да се реши, но сѐ уште сме тука каде што сме. Има некое подобрување бидејќи е одобрена таа привремена заштита. Претходно луѓето имале само лична карта од хуманитарни причини, но со таа не може да се вработите. Освен да престојувате тука повеќе од 90 дена за да отворите сметка во банка.
Како се снаоѓаат Украинците со престој?
-Помеѓу Македонија и Украина нема билатерален договор и Украинец не може тука да купи имот. Може само да отвори фирма па да купи имот на име на фирмата. На друг начин правно тоа не може да се реши. Сите Украинци тука се под кирија.
Дали украинските семејства се одлучуваат за Македонија како крајна дестинација или ја користат повеќе како транзит со привремен престој?
-Видете, тоа е одлука буквално на луѓето. Некои се фриленсери и додека во Украина сега поради војната им е загрозен животот, тие одлучуваат да патуваат кон Европа. Тие ќе дојдат во Грција и можеби таму ќе бидат една недела, месец или два, па ќе продолжат овде. А тоа што имаме 350 луѓе со регулиран престој, мислам што решиле тука да останат и да ги запишат децата на училиште.
Една ваша паралела – што е тоа по кое се слични Македонците и Украинците? Кои се нивните впечатоци, дали имаме некои културолошки сличности, што велат за нашата кујна? Што е тоа што им остава најдобар впечаток?
-Храната многу се разликува со украинската, вие сакате повеќе скара, а во Украина јадеме повеќе супи и чорби или нешто со тесто. Македонија е многу безбедна држава за било кој и тоа што е слично е дека сме многу добри кон луѓето, исто како и вас кои ги примате сите со добро и отворено срце. Сакаме да се дружиме, тоа нѐ обединува.
Кои се следните активности што ги планирате како здружение?
-Најглавен наш проект во блиска иднина е тоа што сакаме да олесниме на Украинците и тие што планираат да дојдат во Македонија да можат лесно да пристапат на пазарот на труд, што ќе помогне и за Македонија и за Украина. Тоа е нашата главна задача. Некои велат „не му давај на човекот риба, дај му трска“. Така тој ќе научи со трската да фаќа риба. Всушност ние сакаме и на Македонија да помогнеме да има поголема конкуренција на пазарот на труд и тие Украинци што бараат работно место да дојдат тука и лесно да се вработат. На тој начин тие би имале не само здравствено осигурување туку и пари за да платат ќирија и други аспекти.
Вања Мицевска
Powered by TechSoup Network’s Digital Activism Program