Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата на сите граѓани на Република Северна Македонија им го честита празникот 11 Октомври, Денот на народното востание, и упатува апел за внимателно учество во сообраќајот за време на празничниот викенд.
РСБСП потсетува дека статистичките податоци покажуваат дека за време на празници, особено за време на продолжен викенд, често се случуваат сообраќајни незгоди со сериозни последици. Токму затоа, упатуваме апел за внимателност и одговорност во сообраќајот, како и за одржување на високо ниво на сообраќајната култура од страна на сите учесници во сообраќајот. Безбедното одвивање на сообраќајот зависи од сите нас поединечно, од нашите лични одлуки и дејствијата кои ги преземаме.
Човекот, заедно со патот и возилото, се едни од клучните фактори кои влијаат на патниот сообраќај и кои доколку се интегрирани во единствена функционална целина ќе придонесат за одржување на безбедноста на сообраќајот. Затоа РСБСП апелира:
- возете внимателно и одговорно,
- преземете мерки за ваша и безбедност на другите учесници во сообраќајот,
- почитувајте ги сообраќајните правила и прописи и сообраќајната сигнализација,
- управувајте со технички исправно моторно возило,
- прилагодете ја брзината на условите на патот,
- задолжително користете сигурносен појас,
- не управувајте со возилото ако сте под дејство на алкохол,
- доколку патувањето трае подолго, правете почести паузи за одмор.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ви го честита Денот на народното востание и апелира за одговорно и безбедно учество во сообраќајот. Заеднички да придонесеме за зачувување на прекрасни спомени од празничните дружења.