Штип ги прави последните подготовки во пресрет на одржувањето на 16то издание на Штипската “Пастрамалијада”. Привршува и местењето на бината на новото шеталиште во градот, а градоначалникот Иван Јорданов посочува дека новата локација како и дневните забави се очекува да го вратат духот на манифестацијата но и да овозможат посета на поголем број угостителски објекти.
- Суштината на одржување на оваа манифестација е сите гости од страна кои ќе престојуваат во Штип, да ги посетат угостителските објекти, да ги посетат и останатите објекти во центарот на градот, затоа што преку ваквата манифестација го стимулираме локалниот развој. Да овозможиме сите гости да имаат анимација во текот на целиот викенд, да има дневни анимации, настани кои што ќе овозможат сите гости да ја видат вистинската убавина на Штип, истакнува Јорданов.
Додава дека со досегашниот концепт на манифестацијата во текот на изминатите години се има изгубено суштината на истата, продажбата на пастрамајлии и ставање акцент на угостителските објекти.
Манифестацијата започнува утре точно напладне кога на шеталиштето ќе се сече џиновската пастрамајлија, а според најавите од ЈП Стипион ќе бидат поставени редари кои ќе ги упатуваат гостите од страна за соодветно паркирање на своите возила во слободните зони.