Боксерскиот тренер Александар Арсовски, денес во гостување на емисијата „Стадион“ емитувана на Канал 77 говореше за боксот, но и дали најблагородната спортска вештина во Македонија изумира?!
Како што кажа тој, во последните години боксот во Македонија е премногу маргинализиран, бидејќи речиси и да нема вложувања.
- Македонија денес затајува од некогашната доминација на боксерскиот ринг, единствено денес се сеќаваме на медалите од времето на Југославија. Без искрена волја и вложувања никогаш нема да имаме професионализам. Неопходни се брзи реформи и спроведување на поттикнувачки систем за мотивација на младите боксери, а не и тој успех што го имаат да им биде неутрализиран и потиштен. До сите чесни намерници кои сакаат да помогнат на боксот, апелирам дека големите резултати следуваат само по претходно креирање на сериозна програма и долги подготовки, вели Арсовски.
Арсовски говореше и за учеството на македонските спортисти на меѓународните натпревари, но и за олимпијците без норма, а даде и свој коментар кон работата на Владимир Богоевски, спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет.
- Не бараме Олимпискиот комитет да создава спортисти, тоа веќе го направивме со Петар Арсовски, но некако успехот остана под тепих. Нема да давам критики кон нивната политика, но работата и должноста на овој комитет е да ги реши системските проблеми, а со цел да може да изградиме врвен спорт во земјава. Додека Олимпискиот комитет печали пари, ние тренерите создаваме медалисти. Кога би бил на нивно место, со нивните срамни потези не би имал сон за ноќите мирно да ги преспијам, вели Арсовски.
Целата емисија на „Стадион“ може да ја проследите на линкот подолу.