Ништо не ни припаѓа нас, само надежта којашто е сон на будните! Вака гласи мотото на младата Цветанка Невчева, вљубеничка во убавата мисла преточена во убав збор запишан во книги исполнети со поучни и мудри страници. Токму такви се зборовите кои таа ги испиша меѓу кориците на нејзиното прво поетско дело насловено како „Процвет“.
Оваа книга неодамна на Невчева ѝ ја донесе наградата „Душата на чаршијата“, за најдобра поетска книга на конкурсот распишан од издавачката куќа Дата песнопој од Битола. Таа вели дека оваа награда за неа е поттик за понатамошно творење, а за ММС пак, е повод за разговор со кој всушност одблизу ви го претставуваме креативниот процес кој се провлекува низ животот на една сестрана жена.
За себе велите дека добивате нови погледи кон светот преку пишаниот збор, уживајќи во пишувањето поезија и кратки раскази. Но со што друго се занимавате, која е Вашата професија?
Јас сум специјализирана медицинска сестра по семејна и патронажна грижа, како и магистрант на спортски менаџмент. Некогашна активна фудбалерка, фудбалски судија и фудбалски тренер со УЕФА Б лиценца. Активист и волонтер во повеќе невладини организации. Вработена во ЈЗУ Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија. Автор и коавтор на повеќе научно-истражувачки трудови.
Во 2019 година, е издадена мојата прва стручна книга во коавторство со професорката Лиза Пантековска и професорот Александар Поповски насловена како – „Влијанието на редовната физичка актвност врз здравствената состојба, кај здравствени работници и соработници со различни социо-демографски карактеристики вработени во јавна здравствена организација во Република Северна Македонија“ (Impact of regular physical activity on health, Health workers and coworkers employees in public health organization in Republic North of Macedonia), од македонски јазик во 2020 година преведена на 8 други јазици (англиски, француски, германски, италијански, шпански, португалски, руски и полски.)
Ја сакам недопрената природа, уживам во слушањето музика што е допадлива за моето уво и во разговорите со луѓето кои имаат што да кажат, кои имаат животни лекции за прераскажување.
Сопруга сте и мајка на мало дете, па дали му читате можеби некои детски песнички? На кој начин би му ја всадиле љубовта кон пишаниот збор? Дали љубовта воопшто и вашите најблиски ви се инспирација за да творите?
Со сопругот практикуваме да му читаме уште од најрана возраст, тој многу се радува на тоа! До небото и назад од поетесата Ана Јовковска е книгата што овие денови ја имаме во раце и истата ни е позајмена од ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци’’ – Скопје, коишто имаат прекрасно детско катче и детски литературен фонд и притоа членарината е бесплатна за деца, што според мене претставува убав начин за да се поттикне читачката навика кај децата од најрана возраст.
Во оваа прилика би сакала да ѝ се заблагодарам за тоа на директорката на библиотеката,
г-ѓата Снежана Стојчевска и да напоменам дека нашиот 8-месечен син е најмалиот „читател’’ кој поседува членска картичка во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци’’ – Скопје. Се надевам дека тоа ќе претставува еден вид на мотив и за останатите, сегашни и идни родители да ги запишат и тие своите деца, затоа што изворот на мудроста е во читањето, а детето кое чита, ќе стане возрасен кој размислува.
Секако дека љубовта ми претставува ѕвезда водилка во животот, но и во творештвото, без неа ништо нема смисла, а со неа, сѐ има! А семејството е основната алка од каде што потекнува љубовта, затоа таа треба да се негува најпрво во домот.
Што Вие лично сакате да читате во слободно време? Пишувате поезија, но дали како читател сакате проза? Имате ли некој омилен автор?
Сакам да читам сѐ што ми е допадливо за читање, класици секако, но и друга најразлична литература. Силно ги подржувам и македонските писатели и нашето богато македонско творештво, купувам и читам македонска поезија и проза! Ние имаме истакнати писатели кои заслужуваат целосна почит и прочит, квалитетни македонски современи писатели, но и млади талентирани писатели кои исто така заслужуваат подршка и поголема читателска публика. Затоа би сакала да апелирам читајте и со тоа дајте им подршка на македонските автори!
Некои од моите омилени македонски писатели се: Коста Солев-Рацин, Блаже Конески, Петре М. Андреевски и други. Книгите кои ми имаат оставено силен впечаток како читател поради нивната литературна вредност, но пред сѐ поради пораката што ја носат во себе, би сакала да ги препорачам и на останатите читатели.
Некои од нив се:
-Перл Бак – Добра земја,
-Фјодор Углов- Срцето на хирургот,
-Малиот Принц од Антоан де Сент Егзипери,
-Ернест Хемингвеј – Старецот и морето.
Има ли во Вашата збирка некои стихови кои посебно ви се омилени?
Секој стих има посебно значење за мене, а се надевам дека и кај читателите исто така ќе побудат вистинско доживување на моментот на восприемање на чувствувањето.
Би ги издвоила стиховите од песната – Раѓање.
РАЃАЊЕ
Како дел од мојата утроба да се откина!
Се одвоивме, за повторно да се соединеме!
За навек, за навек
се слушна радосен крик!
Што за Вас претставува пишувањето? Велат дека тоа е како еден вид психотерапија и е одлично за менталното здравје. Какво е вашето мислење за ова, дали би се согласиле дека на човек и во тешки моменти може да му олесни ако го напише тоа што го мисли и чувствува?
Пишувањето за мене претставува несебично давање на дел од себе! Тоа секако дека може да биде еден вид на психотерапија и несомнено го лекува умот и телото, но може и да помогне при воспоставувањето на рамнотежа во истото.
Ернест Хемингвеј во една прилика изјавил: Не постои ништо што може да се спореди со пишувањето. Сѐ што правиш е тоа што седиш на машината за пишување и крвариш!
Запишувањето на мислите на хартија има многу позитивни ефекти, затоа пишувајте, нека се излеат од вас сите емоции кои ги чувате и нека ве излекува моќта на зборот! Затоа што тој има чудесна моќ, може да лекува, но и да ги зададе најтешките рани, затоа и пораката на книгата е – секој изречен збор, ПРОЦВЕТ нека е!
Какви се импресиите досега од книгата и колку време ја создававте истата?
Многу се радувам затоа што „Процвет“ навистина предизвика ПРОЦВЕТ! Една позитивна емоција, искра надеж, кај сите до коишто допре. Постапно, процесот траеше би рекла во последните 7 години, Процвет не настана преку ноќ и токму во тоа јас ја гледам убавината, во процесот на создавање и креација!
Ако се навратиме наназад, од кога почнавте да се занимавате со пишување и очекувавте ли дека еден ден ќе дојдете до Ваше лично дело ?
Кога ќе размислам подобро тоа беше во основно образование, мојата прва стихотворба на тема поврзана со екологијата, беше објавена во списанието Наш Свет. Потоа продолжив да пишувам, но некако ги чував стиховите поезија само за себе.
Но, што беше тоа што ме охрабри, да се осмелам и почнам да ги објавувам моите книжевни творби, за најпосле да ја почувствуваат светлината на денот?
Една прекрасна книжевно-поетска работилница за креативно пишување, Есенски креативен мозаик, организирана од ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ – Скопје, октомври 2017 година, а под покровителство на Град Скопје, која имаше за цел откривање на млади таленти. Предавачи на работилницата беа македонските писатели: д-р Марина Мијаковска (модератор и организатор на работилницата) д-р Славчо Ковилоски и м-р Стефан Марковски, на коишто во оваа прилика би сакала да им изразам бескрајна благодарност за нивната посветеност и стручност при реализацијата на истата.
Најдобрите творби на учесниците, меѓу кои беа и моите, се објавени во книжевниот алманах – Есенски креативен мозаик.
Секако дека потајно се надевав, како секој којшто твори и посакува неговото творештво да стигне до читателите за коишто е наменето. Но, не брзав, сакав заедно доволно да созрееме во тој креативен процес и знаев дека треба да бидам трпелива, затоа што работите никогаш не треба да ги избрзуваме, поради тоа што сѐ си има свое време во животот, свој тек на случување којшто единствено и само Бог го одредува, а јас сум бескрајно среќна и благодарна на Бог за овој подарок!
Во рецензијата за Вашата книга, меѓу другото се вели „Цветанка Невчева застанува на линијата на искушението да го прифати моментот“. Па оттука би ве прашала, зошто е искушение да се прифати сегашноста? Дали некогаш луѓето премногу живеат во минатото и се заглавени во него испуштајќи го сегашниот миг?
Јас би го продолжила извадокот од рецензијата на Процвет од почитуваниот г-дин Илија Мерковски кој гласи – Цветанка Невчева застанува на линијата на искушението да го прифати моментот или да му наметне блиско или далечно случување. Тоа е гравир, слика која плови и го пронаоѓа моментот да се живее со или без меѓи, подигајќи ги секојдневните текови како насмевка или болка, упорност за давање смисла на потрагата на вистинската љубов. Умисла на вербата за убавото отаде линијата, доброто во окото на стравот и почитта, како и нагласување на слободата на зборот со кој се станува поблизок и возбудено пољубен од животот.
Ништо не ме прашувај, препушти се на мигот, зашто надежта е сон на будните, за да го зграбиме здивот на животот во ѕвездената ноќ.
Треба да живееме сега и денес, затоа што тоа е сѐ што имаме!
Минатото поминало, а иднината е неизвесна, ни преостанува да се радуваме и да му се препуштиме целосно на сегашниот миг правејќи мали работи, но со голема љубов!
Вања Мицевска