Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски апелира до новинарите и медиумите да не даваат опис на дејствијата за тоа како се извршени кривичните дела во случајот со убиствата на младата Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски.
Според обвинителот Коцевски, кој беше гостин во „360 степени“ на МРТ 1, начинот на извршување на убиствата може да предизвика негативни емоции и чувства кај граѓаните и затоа, доколку судот не не ја исклучи јавноста од следењето на случајот, повикува да се известува со максимална претпазливост.
„Замолницата е да сите медиуми, имајќи предвид дека настанот е актуелен, да не даваат опис на дејствијата за тоа како е извршено кривичното дело, имајќи предвид дека начинот на извршување може да предизвика кај граѓаните бес, може да предизвика гнев, страв со оглед на тоа што жртвата е малолетно дете, а се работи за убиство на свиреп начин, што значи дека жртвата претходно страдала“,
вели јавниот обвинител на РСМ.
Тој вели дека, според Законот за кривична постапка, во одредени случаи јавноста може да биде исклучена од дел од судските рочишта, бидејќи примарна цел е зачувувањето на јавниот ред и мир, а овој случај може да предизвика револт кај граѓаните.
„Апелот е имајќи предвид дека обвинителниот акт се уште не е стапен на сила, откако ќе стапи на сила, сите медиуми, известувачи да се воздржат од коментирање на дејствијата имајќи предвид дека се со вознемирувачка содржина“, вели Коцевски.