Овој петок носи уште едно ново издание од поткастот „Да не се лажеме со Хаџи Јанев“, а на маса ќе биде понудена интересна тема за дебата со Ристе Љуботенски, долгогодишен стопанственик, аналитичар, политиколог и професор.
Тој говореше за економијата во време на геополитичкиот натпревар, но упати и конструктивни совети кон политичките чинители на домашната сцена за позитивен економски раст и развој. Според него, иднината на земјава е во младите генерации, но наместо да вртат грб, тие треба да учат од минатото.
- Многу ми е жал што младите не гледаат во минатото, период кој понуди позитивни економски реформи и создавање на бројни домашни компании со масовна вработеност и супериорен годишен приход. Минатото е сведок на бројни кризи и грешки, но и показател за тоа како треба истите да се неутрализираат или целосно елиминираат. По 30 години самостојност и сувереност, не може да се надеваме дека ќе имаме зрела држава ако постојано ги повторуваме грешките! Од практичен аспект, економијата треба да ја развиваме со поддршка на светските сили, како од Европа така и од останатите континенти. Ќе потсетам дека алтернатива секогаш постои, па додека чекаме влез во Европската Унија, политичките чинители треба да знаат дека Македонија нема забрана да гради економски политики со држави надвор од ЕУ, вели Љуботенски.
Ристе Љуботенски истакна и дека политиките на државата во однос на домашните компании треба да бидат драстично променети, имајќи в предвид дека изостанува државната финансиска поддршка во однос на странските инвестициски конкуренти.
- На геополитичката сцена САД сè повеќе ја губат глобалната моќ, бидејќи сè повеќе држави си ги гледаат сопствените економски интереси, нешто од кое треба да учат и нашите владејачки структури. Не постои поголем парадокс од тоа државата да се грижи повеќе за џебот на странските инвеститори отколку на домашните, поразителна политика која е неопходно брзо да се промени со имплементирање на нови позитивни реформи за потикнување на македонското стопанство, констатира Љуботенски.
Целото интервју со Ристе Љуботенски емитувано на „Јутјуб“ профилот на Канал 77 може да го проследите денес со почеток од 18 часот.