Драгана Митровиќ – Дина, младински работник и програмски координатор од Сојузот за младинска работа гостуваше во најновото издание на поткастот „Да не се лажеме со Хаџи Јанев“, емитувано на националното радио Канал 77. Taa говореше за улогата на граѓанскиот сектор во поддршка на младите во земјава.
Како што кажа Дина, главната цел на проектите се однесува кон подобрување на локалното владеење преку зголемена инклузивност и општествено влијание на младите во локалниот демократски живот, но и нивен личен развој. Сепак, главниот проблем во спроведувањето на позитивните политики за поддршка на младите, Митровиќ го лоцира во нефункционалниот систем, имајќи в предвид дека теоријата на идеји се разликува од практиката и реформите спроведени на терен.
- Слабата функционалност постои поради лошиот систем, имајќи в предвид дека проблемите постојано се префрлаат од една кон друга институција, без волја за изнаоѓање на соодветно решение. Во земјава имаме законски решенија, но изостанува нивната примена во практика. Според законот за млади и учество во младински политики, еден од сервисите кои припаѓаат како обврска на општините се основање на младинските центри, во кои ќе се спроведуваат програми за млади, а со цел да се социјализират и едуцираат. Но за жал, во моментов во нашата држава има само 7 младински центри од вкупно 81 општина, што е голема трагедија, алармира Митровиќ.
Овој закон содржи одредба која упатува на тоа дека секоја општина во рок од пет години треба да создаде услови за работа на младински центар, иако досега процентот на реализација е премногу низок, потенцира Митровиќ.
- Законот е донесен во 2020-та година, а до 2025-та секоја општина треба да отвори најмалку еден младински центар на својата територија, но досега се далеку од реализација, знаејќи дека остануваат уште речиси 7 месеци до крајот на годината. Се надевам дека пред локалните избори ќе се направат обиди за да се донесат позитивни промени, неопходни за младите, кои имаат голем потенцијал, но не добиваат можност да се докажат и да се усовршат. Има еден разочарувачки податок, истражување од Светска банка покажува дека според сегашната ситуација која ја имаме со македонското образование и социјала, дете од Македонија со нашите услови, во животот нема да може да го искористе сиот свој капацитет, односно само 56 проценти од својата продуктивност, потенцира Дина.
Целосниот разговор со Драгана Митровиќ – Дина може да го проследите во петок со почеток во 18 часот на „Јутјуб“ профилот на Канал 77.