Идентично како и лани во овој период декември – јануари, штипјани дишат загаден воздух со вредности кои од 18 декември се далеку над дозволените. Мерната станица поставена на зградата на Општината Штип покажува дека веќе 17 ден Штип е со воздух во „црвено“.
Најзагаден воздухот бил на последниот ден од 2023 година, кога просечните 24-часовни вредности на ПМ 10 честички достигнале 144,7 микрограми на кубен метар.
Новата година започна во вредност од 128 микрограми ПМ 10. Вчерашниот дожд минимално влијаеше врз намалување на загадувањето.
Маглата и отсуството на познатиот штипски ветер влијаеше за вака високи вредности на загадување, но и масовната употреба на дрва за огрев и густиот сообраќај особено на почетокот и крајот на работното време.
Штипјани тешко се откажуваат од употреба на дрва за огрев, иако благите зими влијаеја на премин кон поставување на клими. Општината Штип за разлика од некои други општини, се’ уште ги нема познатите општински субвенции за набавка на клими.
Општинската опозицијата на последната седница на Советот, кога се усвојуваше Буџетот за 2024 година предложи внесување ставки за субвенционирање на граѓаните за купување клими и за набавка на велосипеди.
Овие амандмани не добија мнозинство гласови, додека градоначалникот Иван Јорданов образложи дека вакви субвенции се планирани по програми, без да каже за колкави износи се работи и кога се планира субвенционирањето.
Помалата општина Карбинци веќе спроведе еден циклус субвенционирање за набавки на клими.