Филмот „М“ на Вардан Тозија ја доби наградата за најдобар филм на њујоршкото издание на фестивалот „Dances with films“.
-Воодушевен сум што ја примам наградата за најдобар филм на годинешното издание на „Dances with films“ во Њујорк. Претставуваше голема чест и уникатно искуство да се биде дел од официјалната селекција на овој исклучителен фестивал, со креативни и бескомпромисни филмски автори, на настан што прерасна во двигател на американскиот и интернационален филмски дух, вели режисерот Вардан Тозија, кој во Њујорк лично ја прими наградата. Фимот „М“ на овој фестивал ја имаше американската премиера.
![](https://mms.mk/wp-content/uploads/2023/12/вардан-тозија-683x1024.jpg)
Според USA Тoday, фестивалот се вбројува меѓу „десетте најзначајни филмски настани на северноамериканскиот континент“, според CNN, важи за „лидер во позиционирање на свежи и нови таленти на филмската индустрија“, додека Indiewire го препознава како „нашироко признаен поради откривањето на иновативниот дух и талент во независната кинематографија“.
-Уникатно воден филм со динамичен емотивен импакт, „М“ е спектакуларно достигнување во меѓународната филмска соработка, стои во официјалното образложение на Фестивалот. Приказната на Тозија за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила, токму во официјалната селекција на овој фестивал ја претстави македонската кинематографија пред американската публика.
По премиерата се одржаа дискусии меѓу режисерот и членови на индустријата, како и разговори со публиката. Светските права за дистрибуција на македонскиот филм “М“ ги поседува американската компанија OneTwoThree Media.
©ММС.мк Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. Услови за превземање
![Loading ... Loading ...](https://mms.mk/wp-content/plugins/wp-polls/images/loading.gif)