Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески беше остар кон пратениците членови на Анкетната комисија која го испитува скандалот со Клиниката за онкологија. Јовески обвини за водење на паралелна истрага со што се меша во тековната на Обвинителството, со што го кршат и Уставот. Побара да ги остават обвинителите да си ја завршат работата.
-Јас сум повикан во својство на сведок/ експерт. Да бидам искрен, кога ја примив поканата мислев дека е грешка. Но следејќи ја работата на ова тело, се повеќе сум уверен дека не станува збор за грешка туку за излегување на надлежностите на собраниските цели, со цел да се наруши предистражната постапка која ја води Обвинителство. Јавниот обвинител ниту е експерт ниту може да сведочи за активна кривична постапка. Тоа го забранува Уставот, кој ја гарантира самостојноста на јавниот обвинител надлежен за кривичен прогон. Ваквата расправа е спротивна и на други закони“, кажа Јовески, кој сподели дека на Онкологија пред 4 години го загубил единствениот брат.
Ова ја наелектризира атмосферата во Собранието. Во еден момент претседателката на Комисијата Рашела Мизрахи му го исклучи микрофонот на обвинителот Јовески.
-Добредојде во највисоката институција во општеството – политичкиот систем на Македонија. Што ние ќе донесеме тоа ќе работите, рече од говорницата пратеникот Љупчо Пренџов и додаде дека Јовески е десет години државен обвинител и имал време да ја заврши истрагата:
-Се водела истрага од 2012 година. Ништо нема, па во 2019 имало, 2020 имало, сте имале точно 10 години да ја кажете вистината на македонската јавност. Нема поважно нешто од јавниот интерес. Наместо да гледате телевизија требало да работите и да дојдете со готови информации за тоа до каде е истрагата, рече Пренџов и потсети дека за да не се наруши текот на истрагата, Јовески имал право да побара затворена седница.
– Нема така лесно да си одите, порача Пренџов на државниот обвинител.
Јовески реагираше на мандатот на Анкетната комисија и се повика на Деловникот, каде како што рече дека не може да има истражни и судски функции.
-А вие сами сте напишале дека ќе утврдувате дали има политичка одговорност во овој случај. Кривичната одговорност, можеби ќе ве разочарам, не е во ваша надлежност. Секојдневно дипломатските претставници, претставниците на ЕУ, невладините организации ве повикуваат вас политичарите да не се мешате во работата на правосудството. Оставете не’ да си ја вршиме работата“, рече Јовески.
Како што сподели Јовески, до сега се сослушани преку 40 лица, се’ уште е во предистражна постапка, но во клучна фаза. Предметот ќе се отвори кога ќе се утври кривична одговорност. Повеќе не можел да открие.
Расправата продолжува во полемичен тон.
В.К.