Опозициската ВМРО ДПМНЕ излезе со тврдење, а потоа и пратеникот Драган Ковачки од собраниската говорница праша за наводниот скандал со сексуално малтретирање на жени – војници и офицерки. Жените во Армијата, според овие наводи, се уценувани и малтретирани од високи офицери, вклучително и генерали.
„Покрај појавата на плаќање кеш и давање мито за мисии во АРМ има сериозни случаи на злоупотреба на службената позиција и сексуално малтретирање на подредени офицерки и војници од страна на високи офицери, вклучително и од страна на генерали и началници од воената безбедност. Истите високи офицери за возврат им ветувале школување на воената академија и други бенефити“, кажа пратеникот Ковачки од говорницата.
Ковачки објасни дека за изнудувањето сексуални услуги се дознало случајно во текот на истрага за мито. Според него, во телефонот на уапсено лице се пронајдени фотографии и фоно записи, како докази со кои се потврдува злоупотребата за службената позиција од страна на генерал и полковник. За овие докази, како што тврди Ковачки, информирана е министерката за одбрана.
Министерката Петровска потврди дека во Секторот за воена безбедност и разузнавање има записи со нејзини изјави и сите информации кои ги имала.
Тие записи ќе кажат дали за овој случај дали за случај за мито и корупција, јас сум пријавила и сум дала информации на службата која е задолжена да ги прибира тие информации. Понатаму имате правници во пратеничка група и во партија, прашајте ги која е процедурата, кој ги води истрага. Ниту водам истрага ниту имам законско право да преземам дел од истрагата што ја води јавното обвинителството“, изјави Петровска во Собранието, одговарајќи на прашањето на пратеникот Ковачки.
Министерката во телевизиско гостување изнесе сомневање во кредибилноста на тврдењата на пратеникот Ковачки.
Министерката во телевизиско гостување изнесе сомневање во кредибилноста на тврдењата на пратеникот Ковачки.
-За таков скандал или за таква афера или евентуално сомнежи, до овој момент, јас официјално не сум известена. До мене, како министерка за одбрана не се стигнати никакви писмени поднесоци со кои ќе се потврди дека таков наводен скандал како што тој вели постои. Ќе треба пратеникот да си го провери изворот колку му е веродостоен или свесно го втурнуваат во некој дезинформационен круг“, рече министерката во гостување на ТВ21.
Пратеникот Ковачки му напишал писмо и на претседателот Стево Пендаровски, како врховен командант на Армијата. Но, како што обвини, Пендаровски иако бил информиран, не презел нешто.
Политичката партија Алтернатива во соопштение побара овој случај да се расчисти.
„Покрај активната корупција, која е видлива и која има застрашувачки размери, според сите статистики и од меѓународните релевантни институции, сега произлезе дека во АРМ се бараат и сексуални услуги од жените војници и офицерки. Тоа вчера гласно го потврди и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, тврдејќи дека е отворена кривична постапка и дека таа нема право да се меша во таа постапка. Северна Македонија, како земја членка на НАТО, треба да биде пример за дисциплина и правична и соодветна родова, расна и етничка застапеност. Но, за жал, Армијата на Република Северна Македонија, од која зависи безбедноста на државата и животот на граѓаните во Република Северна Македонија, се покажува како токсична и небезбедна средина за женскиот пол. За изненадувањето да биде уште поголемо, оваа институција е предводена од жена, која до сега го криела овој факт и не прозборел јавно за сексуалните скандали кои го зафатија ова министерство, реагираше Алтернатива.