Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва апелираше до надлежните да ги надминат недоразбирањата и да се исчисти сметот за, како што рече, скопјани да добијат услуга каква што ја заслужуваат.
-Тие за ова издвојуваат од скромниот буџет, плаќаат за да можат да добијат хигиена онаква каква што треба да има еден главен град во 21 век. Апелирам и до Владата да се вклучи и да помогне. Исто така апелирам и до останатите градоначалници кои не се од редот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да се вклучат во чистење на овој смет и да можат да го одложат. Недалеку од Скопје е депонијата Дрисла и се надевам дека ќе се најде на разбирање да се одложи овој смет бидејќи тоа е најпотребно во овој момент за скопјани, а акцијата ќе продолжи во текот на целата вечер, рече Мицкоски, кој вечерва беше во општина Бутел.
Мицковски апелираше до надлежните во Дрисла да дозволат одложување на сметот посочувајќи дека општините се подготвени да го платат тоа, иако тие не се надлежни за тоа туку „Комунална хигиена“.
Тој ги повика Владата, Градот Скопје и Комуналното претпријатие да ја остават политиката на страна да бидат над ситуацијата.
-Скопјани заслужуваат чист град и хигиена. Оставете ја политиката, дајте да го исчитиме градот, срамота е ова што се случува, рече Мицкоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ претходно информираа дека скопските градоначалници од нивните редови се самоорганизирале да го соберат сметот од скопските улици. Градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски информираше дека се обиделе да го одложат сметот во депонијата Дрисла но, не успеале.