Утре, во 10 часот официјално започнува Д Фестивал, најголемиот летен музички фестивал во земјава кој по тринаесетти пат ќе се одржува во Дојран.
Првите посетители на фестивалот веќе пристигнуваат и го исполнуваат дојранското крајбрежје, а уште денеска, ден пред официјалниот почеток се поставуваат и првите шатори во Д кампот кој ќе биде домаќин на илјадници најпозитивни фестивалски луѓе здружени преку музиката и славењето на уметностите, мирот, слободата и заедништвото.
Повеќе од 300 учесници во музичката и дополнителната програма, како и најголемиот интерес за влезниците навестуваат дека пред нас е најдоброто издание на Д Фестивал досега чија тридневна програма без престан ќе се одржува до 2 јули.
Во рамки на редовната музичка програмата Д Фестивал ќе биде домаќин на повеќе од 50 светски, регионални и домашни изведувачи кои ќе настапат на пет фестивалски бини и кои ја гарантираат совршената фестивалска атмосфера овој викенд во Дојран. Официјалното отварање го предводат светските легенди на треш-метал музиката „Креатор” од Германија, шпанската псај-техно хероина Индира Паганото, британскиот драм енд бејс гигант Рони Сајз, како и врвните претставници на домашната сцена „Фолтин”, Галоски, Страјк, ЛД Пистолеро, диџеј Гоце и Ронин. Првиот фестивалски ден ќе ни ги претстави и концертите на „Фулу Мизики”, „Даикаиџу”, „КОИКОИ”, Ива Лоренс, Беседа, „Максимус Вандал”, „Алис ин Вондербенд”, „Ленхарт Тејпс”, „Хајпертек”, Дарко Степиќ, Ермилова и Настасја Киш.
Вториот ден на Д Фестивал,е планетарниот хит-мејкер „Сигала”, домашниот музички гениј Кирил Џајковски, алтернативните „С.А.Р.С.”, фантастичниот стонер рок бенд „1000модс” и техно принцезата „Ксениа”. Саботната треска на Д Фестивал доаѓа и со настапите на „Доуп Куќата”, Смоке Мардељано, Зарина Првасевда, „REYKO”, „Xarakiri”, Мартина Пенева, Coeus, Flooder, Visionary, Charley, E.U.E.R.P.I. и „АудиоЦигла” во придружба на бенд.
Саботната вечер на Д Фестивал годинава вклучува и специјален концерт на светски признатиот македонски пијанист Симон Трпчески и неговиот музички проект „Македонисимо”. Овој квинтет ќе се претстави на Главната бина на 1 јули кога Д Фестивал ќе ги отвори своите врати со бесплатен влез за сите од 18 часот, а почетокот на концертот е закажан во 19 часот.
Во склоп на дополнителната програма на Фестивалот посетителите имаат прилика да уживаат и да посетат бројни изложби, перформанси, кино, театар, дебати, работилници, арт-бутик, спорт, игри, натпревари и уште многу други активности распространети низ повеќе од 20 различни катчиња во ПЛОШТАРТ зоната – креативното јадро на Д Фестивал! Како гости во овој дел од програмата и задолжени за плејадата забавни содржини кои го создаваат есенцијалниот белег на овој уникатен фестивал, годинава во Дојран пристигнуваат голем број граѓански здруженија, младински организации, фестивали, уметници, експерти, креативци и културни дејци. Само дел од нив се: фестивалот на креативен документарен филм „Македокс”, „Чудна Шума” со авторката Билјана Црвенковска, европскиот проект „МОСТ”, „Етернити Тату”, „Гоблин”, „КРИК”, „ЦИД”, „Новус”, Себесложувалка, „Хера”, „Еквалис”, „Куманово Скелетонс”, „Кајак Адвенчерс” и многу други. Тука меѓу другото посетителите ќе најдат и медицински прегледи, масер, психолог, бербер, тарот читање, живи статуи, наградни квизови, кулинарски специјалитети и многу други фестивалски изненадувања.
Во рамки на Плоштарт, ќе се одржува и специјалната програма „Family Day” наменета за најмалите и за сите кои сè уште знаат да се радуваат како деца. Покрај бројните активности кои ги спроведува „Чудна шума”, во овој дел од програмата ќе гостува и омилениот детски фестивал „Поточиња” со настап кој на Д Фестивал ќе ја пренесе својата голема прослава за јубилејни 20 години постоење. „Family day” исто така ќе се одржува со бесплатен влез за секое дете и еден негов старател.
Само уште денеска, до полноќ важат промотивните цени на влезниците за Д Фестивал, а истиот рок важи и за актуелната акција за групно купување на билетите, омилената „4+1″ во рамки на која за купени четири тридневни влезници се добива уште една влезница на подарок!
Од утре, петок почнуваат да важат полните цени за сите видови на билети:
-Билет од 1600 денари за цела програма за цел фестивал + камп место, тридневен билет од 1500 денари за цела програма за цел фестивал, еднодневен од 700 денари за цела програма за еден ден и камп место од 500 денари.