Има ли Македонија „црна листа“ на бугарски граѓани? Ова е прашањето што новиот министер за надворешни работи на Бугарија, Иван Кондов го поставил на нашата амбасадорка, Агнеза Поповска, кога беше повикана во ова министерство. Повод беше непропуштањето да влезат во Македонија на неколку бугарски граѓани, меѓу кои и европратеникот, Андреј Ковачев.
Како што пишуваат бугарските медиуми, бугарскиот шеф на дипломатијата ја прашал македонската амбасадорка кој и според кои критериуми може да биде вклучен во т.н. „црни списоци“
-Прашав дали постојат овие списоци и кои се критериумите за вклучување во овие листи. Таа во моментов нема одговор, чекаме официјален одговор“, рече Кондов на брифинг со бугарските новинари.
Групата во која беше и европратеникот се упатила на одбележувањето на споменот на загинатите бугарски војници на воените гробишта во Ново Село на 6 мај, што според бугарската влас, до сега се одбележувала без никакви проблеми.
Од македонското МНР одговорија дека европратеникот е колатерална штета на групата со која патувал.
„На 6 мај, на граничниот премин Ново Село, „поради неисполнување на условите за влез во Република Северна Македонија, согласно законот за странци, не било дозволен влез на група од петмина државјани на Република Бугарија“.
Дополнително би сакале да нагласиме дека во оваа група со која патувал и европратеникот Андреј Ковачев, имало лица за кои во Министерството за внатрешни работи има сознанија дека претставуваат ризик по јавниот мир и безбедност. Европратеникот Ковачев не е меѓу нив, но надлежните служби донеле таква одлука поради групата со која патувал“, соопшти МНР.
Сепак, бугарскиот министер најави дека во тек е „процес на информирање на сите европски партнери за овој невиден чин, кој не се совпаѓа со декларираната намера на Скопје да работи на подобрување на добрососедските односи“.
Европратеникот Ковачев следната недела се очекува да допатува во Скопје на редовна седница помеѓу парламентарни делегации од ЕУ и македонското Собранието. Бугарските власти најавија дека со внимание го следат однесувањето на македонските власти.