Синоќа пред полноќ, во близина на Олимпискиот базен во Скопје, се пронајдени девојчињата од Струмичко, по кои се трагаше по часови. МВР соопшти дека биле пронајдени околу 23.50 часот.
-Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека на 08.05.2023 околу 23.50 часот на бул. Борис Трајковски во Скопје се пронајдени девојчињата од струмичко за кои на 08.05.2023 околу 16 часот во СВР Скопје од нивната професорка беше пријавено дека се изгубиле на територија на Центар се изгубиле. Веднаш по добиената пријава од страна на полициските службеници преземени се соодветни мерки и малолетничките се пронајдени, стои во известувањето.
Двете девојчиња од Босилово и Петралници, Општина Босилово на 12 и 14 години последен пат беа видени во близина на „Веро Џамбо“, откако тргнале кон центарот на Скопје. Заедно со поголема група на ученици биле на Саемот на книгата. За нивното исчезнување на социјалните мрежи алармираа родителите, роднините, пријателите, кои дојдоа во Скопје и тргнаа по потрага. МВР соопшти дека по нив се трага и од страна на полицијата.
Засега не се соопштуваат детали околу тоа како девојчињата залутале и каде се движеле, додека во јавноста има бројни прашања околу тоа како се случило од еднодневна екскурзија децата да се изгубат.