Пет години се кршат колективни договори и закони, пет години барањата за подобрување на состојбата на работникот во државата сè уште се непорменети, порачаа претставниците на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) на протесниот марш кој под мотото „За правда, за еднаквост“ се одржа денеска во Скопје.
Маршот започна пред седиштето на КСС, а заврши пред Влада, од каде синдикалните претставници се обратија пред властите.
Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделковски посочи дека состојбата на работниците во државава и понатаму е непроменета.
– Изминатите години искажуваме какви се реалните состојби во државата во однос на работничките права и кршењето на закони и колективните договори. Не се согласуваме „ќебапче за работникот, бифтек за власта“, тоа ниту е правда, ниту е правичност, ниту еднаквост. Токму затоа и денеска сме тука не само поради симболичниот ден 1-ви Мај, туку да искажеме и дека доколку и понатаму нема социјална правда ќе нема ни социјален мир, порача Неделковски.
Тој додаде дека доколку работниците не добијат пристојна плата, работа и пристоен живот, во иднина ќе се води пожестока борба. Неделковски изрази разочарување од сите оние работници кои наместо на протест, решиле да го искористат продолжениот викенд.
Претседателот на Синдикатот на станбено-деловни, комунални и водостопански организации, (ССКО), Зоран Антовски ги повтори претходно искажаните барања и го посочи зголемувањето на платите на функционерите како разочарувачки чин.
– Бараме почитување на работникот и неговиот труд, бараме реален социјален дијалог, бараме зголемување на платите согласно законот за минимална плата, бараме К- 15 согласно стандардите, бараме почитување и спроведување на сите колективни договори и сите права согласно законите. Само да потсетам дека за жал господата функционери си ја зголемија платата, додека работникот го ставија на простачки стап, реагираме бурно 5 години и веќе ја претераа, изјави Антовски.
Претседателот на Синдикатот на полицијата во Македонија, Орце Коцевски рече дека доколку не биле заканите и притисоците врз вработените во МВР, на протестот ќе имало многу повеќе присутни.
– Во услови кога некој протестира, а некој прави скара и ужива во дневници, хонорари, додатоци, срам ми е да кажам и да признаам дека едно време ценетата и добро вреднувана професија – полицаец, веќе не е тоа што беше, посочи Коцевски.
Тој додаде дека како резултат на незадоволство, полициски службеници ја напуштале работата и си заминувале од државата.
На протестот беше порачано дека работниците се соочуваат со неправди незамисливи за 21 век и дека борбата за правата на работникот ќе продолжи и во иднина. Со барања за зголемени и достоинствени плати за работниците, пристојно работно време и почитување на колективните договори, денеска под мотото „Работниците се државата“, протест одржа и Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
МИА