Бистата на македонскиот поет Славко Јаневски е искорната и исчезната од постаментот во склоп на алејата на поетите на кејот на истекот на Црн Дрим во Струга, додека бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин се видливо расклатени, во обид и тие да бидат искорнати. Оваа информација ја споделија од управата на Струшките вечери на поезијата (СВП), кои соопштија дека исчезнувањето на бистата го утврдиле вчера при рутинска обиколка.
Исчезнувањето, односно кражбата е пријавена во полициската станица во Струга од страна на директорот на СВП, Тодорче Тасевски.
-Најостро го осудуваме вандалскиот чин на кражба на бистата на нашиот истакнат поет Славко Јаневски како и обидот за кражба на бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин. Настанот е пријавен во полиција од која очекуваме да ги пронајде и да ги казни сторителите на овој вандалски чин. Бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин ќе бидат превентивно и привремено дислоцирани за да се извршат потребните технички зафати за нивно поцврсто фиксирање на постаментите за да се оневозможат ваквите вандалски чинови!, реагираа од СВП.
Сличен вандалски чин се случи на 1 октомври 2021 година кога бистата на познатиот македонски поет Анте Поповски беше откроната од постаментот и беше фрлена во крајбрежјето. Истата беше санирана, дополнително зацврстена и вратена на постаментот.
Од СВП бараат Општина Струга и МВР да воведе засилени мерки на обезбедување на оваа вообичаено фреквентна локација. Исто така сметаат дека потребна јавна кампања за подигање на јавната свест за значењето и угледот на Струга како светска престолнина на поезијата.