ММС, 05.09.2018
Жителите на Крива Паланка ги пакуваат куферите со намера никогаш да не се вратат назад повторно. Велат дека не гледаат иднина во државата, а платите не го вреднуваат нивниот труд. Кривопаланчани сведочат дека заминуваат бидејќи дома тешко доаѓаат до работа соодветна на нивното образование. Според неофицијалните бројки, од Крива Паланка и Кратово заминале 7000 луѓе во странство. Задоцнија ли се мерките за ублажување на миграцијата?
Пишува: Билјана Тошевски
На првиот училишен ден во двете училишта во Крива Паланка, влегоа само 179 првачиња. Ова е најмалата бројка на првачиња до сега. Миграцијата си го зема данокот. Во европските земји заминуваат цели семејства, при тоа, не бирајќи го терминот на заминување. Кога ќе излезат документите, е најчестиот одговор на прашањето зошто сред училишна година. Поголемиот дел од кривопаланчани кои заминале на страна велат дека се разочарани од состојобите кај нас, пред се’ од тешкиот пат до работа и плата соодветна на вложениот труд.
– Во услови со плата од едвај 200 евра и наоѓање работа исто како да добиеш на лото, немам никаква причина да седам овде. Не знам колку би успеал и со мерките кои се нудат од страна на државата – вели нашиот прв соговорник, 25-годишниот Трајан Стојчевски од Крива Паланка.
Најчести дестинации – Германија, Италија, Русија, Франција, Словенија…
Градот некогаш познат по прекуграничниот шверц на цигари, сега станува иселенички град. Има голем број млади кривопаланчани, кои заминале на работа во Германија, Русија, Франција, Словенија, Италија… Дел од нив веќе со години се таму и основале свои семејства. За време на летниот период доаѓаат во родниот град на неколку дена да се видат со семејствата и поблиските роднини и пак заминуваат назад. Од далечната Русија во родниот крај деновиве престојува и 35-годишниот Стефан Костовски, кој две недели од својот одмор користи да се види со родителите во Крива Паланка.
-Во Русија сум 13 години. Таму работам во градежништво, даваат добри пари за разлика од овде. Имам и семејство. Сопруга и син. Тие се таму ,а јас дојдов овде на две недели да се видам со моите и се враќам назад. Секако дека ми е жал кога заминувам од овде. Како грутка да имам во душата кога ќе се качам на авион. Но, што да се прави кога нема егзистенција овде,судбината ме пратила на друго место,таму да оформам семејство и да живеам свој живот – вели Стефан.
Во отсуство на официјални податоци, неофицијалните бројки говорат дека десетици илјади, најмногу млади лица, се иселиле од градовите од источна Македонија откако не успеале да ја средат својата егзистенција. Повеќето работоспособно население, а зголемен е бројот и на млади факултетски образовани лица, кои сепак се одлучуваат за кариера надвор од земјава. Со такси, автобуси или автомобили на пријатели, ги напуштаат селата, градовите, заминуваат на аеродром, се полнат авионите со работници, кои го продолжуваат својот животен пат оддалечен неколку илјади километри за подобар живот. За крајната дестинација начесто се дознава од социјалните мрежи.
Земањето бугарски пасоши и понатаму трае
Од кратката анкета што ја направивме со иселениците, дознаваме дека најчесто заминуваат откако ќе извадат бугарски пасош. Нема податок колку кривпаланчани имаат бугарско државјанство, но, според податоците од Минситерството за правда на Бугарија, околу 60 илјади Македонци се стекнале со бугарско државјанство, а илјадници се во постапка. Во разговор, често може да се слушне дека „чекаат пасошот да излезе“, па да заминат.
Добро разработена е мрежата на вадење бугарски пасош. Во Крива Паланка сите знаат каде треба да се обратат.
-На посредник му платив за постапка за вадење пасош, потоа отидов во Софија неколку пати на разговор и добив државјанство. Кога си на интервју, потребно е да кажеш дека се чувствуваш како Бугарин, дека имаш бугарско потекло, а треба да се знаат и националните празници кај нив – ни’ раскажа нашиот соговорник со иницијали С.П од Кривопаланечко.
За 15 години 7.000 кривопаланчанци и кратовци заминале низ светот
Според податоците со кои располагаат невладините организации што се занимаваат со локален економски развој, од последниот попис до денес од Крива Паланка и од соседното Кратово си заминале вкупно 7.000 жители.
Фрапантен е и податокот дека за една деценија за повеќе од половина е намален бројот на првачиња во кривопаленечките училишта. Во учебната 2006/2007 година, во прво одделение во Крива Паланка биле запишани 424 ученици. Тој број лани падна на 184 првачиња, а тој тренд продолжи и годинава – запишани се 179 првоодделенци, од кои во училиштето „Јоаким Крчовски“ ќе учат 94, а во „Илинден“ – 85.
Општина Крива Паланка со цел за подобри услови за младите што се школуваат објави конкурс за субвенциониран превоз на десет студенти кои студираат на универзитетите во Скопје и во Штип за студиската 2018/2019 година со два повратни месечни билета. Исто така, Општината доделува и стипендии за талентирани ученици-средношколци за оваа учебна година. Четири стипендии се наменети за талентирани ученици-средношколци, кои учат во училиштата во Република Македонија. Стипендијата е во висина од 3.000 денари месечно, а се исплатува девет месеци во годината. Предвидени се и 4 стипендии за талентирани студенти кои студират на факултетите во земјава со исто толкава сума.
СИРОМАШТИЈАТА ГИ БРКА МЛАДИТЕ И ОД СОСЕДНИТЕ ЗЕМЈИ
Иселувањето на младите во западните земји не е тренд само кај нас. Проблемот е присутен и кај нашите соседни земји, а најчеста причина е невработеноста и сиромаштијата. Претпоставките се дека во желба за подобар живот последниве неколку години над 1,5 милиони млади луѓе од Западен Балкан го напуштиле родното огниште.