Штипјани, иако имаат и средно музичко училиште и музичка академија, а и дувачка оркестарска традиција од речиси еден век, одамна немаа видено и слушнато настап на градскиот дувачки оркестар, од неодамна тоа повеќе не е така, формиран е нов оркестар, кој има амбиции да прерасне и во нешто поголемо, а и пасивизираниот оркестар има амбиции за реактивирање
Пишува: Љупчо Шатевски
Многумина штипјани се изненадија, но и израдуваа кога деновиве, на 8 ноември, Денот на ослободувањето на градот, а и ноќта спроти него, во градот повторно се слушна дувачки оркестар зашто повеќе години немало променаден концерт, па ни друг настап на градскиот дувачки оркестар. Градски плех-музики Штип имал уште пред еден век, веднаш по завршувањето на Првата светска војна, а официјално градски дувачки оркестар бил формиран во 1932 година. Тој опстојувал со децении, но од пред десетина години е во мирување, негови музичари повремено свират само на погреби во некои соседни градови, а во Штип таа традиција згасна пред дваесетина години, кога беше отворена Градската капела.
Свират професор(к)и, студент(к)и, ученици и ентузијасти
– Секој град што држи до себе, и во Европа и на просторите на поранешна СФРЈ, има градски дувачки оркестар. Уште повеќе ако во тој град има и средно музичко училиште и музичка академија, каков што е случајот со Штип. Затоа, поради состојбата во која се најде претходниот оркестар, кон крајот на минатата година го формиравме Градскиот дувачки оркестар „Штип“. Во октомври ја имавме првата проба, а веќе во декември го имавме и првиот концерт во мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“. Потоа имавме уште неколку настапи, одржавме и концерти во Велес и во Штип со проект поддржан од Министерството за култура. Се радуваме што одлично сме примени од публиката, од граѓаните, што ја потвдрува потребата од ваков градски оркестар – вели Баже Костадинов, раководител на градскиот дувачки оркестар „Штип“.
ој е професор по труба во средното музичко училиште „Сергеј Михајлов“ и доцент на Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. А во оркестарот што во моментот има триесетина музичари, најголем дел се професори, ученици и студенти во училиштето и на академијата, како и неколкумина ентузијасти на кои музиката и им се хоби. Дел од оркестарот се и четири дами, и тие професорки или студентки, како и неколкумина членови на претходниот оркестар.
И дувачки оркестар, но и биг бенд на градот
– Не ни’ е целта да бидеме некој вид класичен плех-оркестар, во кои луѓето порано препознаваа оркестар за погреби. Сакаме да прераснеме во биг-бенд на градот, каков што сме имале своевремено во СФРЈ, како дел од тогашното КУД “Македонка“, каде што свиреле многу штипјани, кои потоа изградија врвни кариери во Македонија и во странство. Затоа, сакаме во идина да бидеме не само градски дувачки оркестар, туку да прераснеме и во нешто поголемо. Во Штип во 1925 година била изведена првата опера во Македонија, па зошто и сега, кога има далеку подобри услови, пак да не се случи такво нешто – смета Костадинов.
Оркестарот го нема решено просторното прашање. Проби еднаш до двапати седмично одржувале во салата на Музичката академија, но тоа е само привремено решение.
– Имаме контакти и се надеваме на поддршка од Општината. Покрај од локалната самоуправа, ќе конкурираме за средства и од Министерството за култура со проекти. Сега имаме покана за фестивал во Зрењанин, Србија, па ќе видиме како ќе обезбедиме средства. Очекуваме поддршка и од приватни фирми. На пример, во Штип има толку многу конфекции, па барем за шиење на униформите не би требало да имаме проблеми. Ние сме единствен ваков оркестар во источниот регион и веројатно, со Скопје, втор во Македонија со толкав и така професионален состав. Па, концерти и настапи, освен во Штип, планираме да одржуваме и во други градови и општини, за што првите покани веќе пристигнуваат – истакнува Баже Костадинов.
Отворањето на капелата ја згасна музиката на погреби
Претходниот градски оркестар, кој од 1991 година, по смртта на Методи Докузов, долгогодишен диригент и член на оркестарот од 1932, го носеше неговото име, се пасивизираше пред една деценија. Остана без простории за проби кога фискултурната сала на гимназијата беше реновирана и проширена со делот што го користеше оркестарот, секна финансиската поддршка, па нови униформи мизичарите немаа добиено повеќе од 15 години, а повеќето од инструментите беа од времето на СФРЈ, па и од кралска Југославија.
– Своевремено оркестарот добиваше финансиски средства од Општината, што е и нормално зашто ваквите оркестри се душата на еден град. Проблемите настанаа по трансформацијата, која, според зконите, мораше да се изврши. Во локалната самоурава велеа: „Сега сте приватни, снаоѓајте се, а и сега имаме капела, па нема потреба од музика за погреби“, како да бевме музика само за погреби. Потоа еднаш Советот на Општината донесе заклучок финансиски да го поддржува оркестарот, но тоа остана само на хартија. Не се откажуваме. Немаме ништо против новиот оркестар. Тој е нешто поинакво, посебно. Не е класична плех-музика, туку нешто како симфониски оркестар – вели Панче Докузов, повеќегодишен претседател на градскиот оркестар „Методи Докузов“.
Штип е познат по голем број познати инструменталисти, особено на дувачки инструменти, како Симеон Савев, Гоце Мицанов, Миле Серафимов, Ванчо Самоников, Благоја Чешларов, Кирил Рибарски, Коце Андонов, Јордан Хаџиниколов, Зоран Казаков, Драги Трпков, Методи Трпков, Методи Докузов, Љупчо Докузов, Благој Докузов… Дел од нив направија врвни кариери и во странство, а речиси сите своевремено свиреле во градскиот дувачки оркестар. Во него свиреле и познати дувачи од некласичната музика, како Илми Јашаров, Кадриеви…
МУ СВИРЕЛЕ И НА ТИТО
Повозрасните членови на стариот оркестар раскажуваат за многу пријатни настани низ кои поминале во минатото. Велат дека веднаш по Втората светска војна кога Тито доаѓал во Скопје биле канети и тие да свират, а еднаш четворица музичари од штипскиот оркестар го засилиле градскиот оркестар на Велење (Словенија), кога во Холандија тој ја освоил наградата за најдобар лимен оркестар во светот.
Кажуваат и по некоја анегдота. Набрзо по ослободувањето, преморени од напорниот ден (оркестарот имал два променадни концерта во Штип и во соседен град, а потоа и погреб во Штип), музичарите враќајќи се од Градските гробишта, седнале под едно дрво малку да здивнат. Купиле вино, се развеселиле и засвиреле. Наишол строгиот дежурен позорникар и ги опоменал: „Засрамете се. Досега свиревте на погреб, а сега свирите и пеете народни песни“. „Другар, дали си ти Титов милиционер?“, го прашал еден од музичарите. „Секако“, одговорил милиционерот. „Е, па, сигурно ја знаеш Титовата изрека: `Кад се гине да се пјева, то наша борба захтјева`“, му рекол досетливиот музичар. Полицаецот останал без коментар и веднаш си заминал.