MMС, 16.12.2018
Има многу примери кога еден Македонец бил жртва на две мобилизации, најчесто бугарска и српска, а регистрирани се и повеќе случаи на братимење на единици од завојуваните српска и бугарска војска, кога војниците ќе забележеле дека речиси сите од двете страни се Македонци, вели историчарката Емилија Коруновска, авторка на публикацијата „Штипјани учесници во балканските и во Првата светска војна“ што, по повод стогодишнината од завршувањето на Првата светска војна, деновиве ќе биде промовирана во Штип
Пишува: Љупчо Шатевски
Неколку стотици фотографии, од кои педесетина од фронтовите во нашите краишта пред околу еден век и 260 поединечни на учесниците во тие војни, многу лични судбини, најчесто трагични, потоа документи, ордени и признанија содржи публикацијата „Штипјани учесници во балканските и во Првата светска војна“, која, по повод стогодишнината од завршувањето на Првата светска војна, ќе биде промовирана на 18 декември во 13 часот во Заводот и музеј во Штип, кој е издавач на книгата, а нејзин автор е историчарката во Музејот, Емилија Коруновска.
Евидентирани 800 штипјани-учесници, а ги има и повеќе
– Пред седум-осум години забележав дека во постојаната историска поставка на Музејот имаме податоци само за стотина учесници во балканските (1912-1913) и во Првата светска војна (1914-1918), од кои само за дваесетина имавме фотографии. Знаев дека ги има многу повеќе. Тоа ми беше поттик да се зафатам со истражување. За неколку години евидентиравме повеќе од 400 штипјани што учествувале во тие трагични војни за Македонија, па во 2015 објавивме публикација под истото име, за која имаше голем интерес. Повеќемина внуци, правнуци и други роднини почнаа во Заводот и музеј да донесуваат фотографии и податоци за нивни блиски-учесници во војните, во повеќе архиви пронајдов списоци на ранети, загинати, одликувани, па веќе имаме сознанија и податоци за околу 800 штипјани-учесници во тие војни (иако сигурно има и уште неевидентирани), од кои 260 се поместени и со фотографии во вториот дел од публикацијата, кој е двојно поголем и побогат од првиот – истакнува Коруновска.
Понесени од желбата за прекинување на петвековната османлиска власт и за создавање слободна македонска држава, многу Македонци доброволно војувале во Првата, а уште повеќе биле и присилно мобилизирани во Втората балканска војна, која завршила со поделба на Македонија. Слично било и во Првата светска војна. Освен во редовите на армиите на соседните земји, многу Македонци понесени од желбите за слобода учествувале во војните во свои македонски чети, во партизански чети формирани од наши емигранти во Бугарија, а такви чети имало формирано и во Србија, кои биле уфрлани во Македонија. Малку е познато дека македонските чети, селската милиција и други формации составени од Македонци во 1912 се движеле пред претходницата на Првата српска армија и први влегле и ги ослободиле од османлиските единици градовите Велес, Свети Николе, Штип, Кочани, како и сите околни села.
Изманипулирани во желбата за слобода
– Македонците биле грубо изманипулирани од балканските армии во интерес на нивните држави. Во желбата за слобода, често во различни униформи на завојуваните армии се бореле и брат против брат, син против татко… Многу Македонци во бугарската армија, со јасна цел, наместо на македонскиот, биле испраќани на тракискиот фронт. Само во Македонско-одринското ополчение во пролетта 1913 година имало 14.670 луѓе, од кои 12.000 биле Македонци. Исто така, многу Македонци преку таканареченста Народна одбрана се ангажирани во првите редови на српската армија. Има и многу примери кога еден Македонец бил жртва на две мобилизации – бугарска, српска, па и грчка. Регистрирани се и повеќе случаи на братимење на единици од завојуваните бугарска и српска армија, кога војниците ќе забележеле дека речиси сите од двете страни се Македонци – вели Емилија Коруновска.
Окупаторските власти често во Штип одржувале прослави поврзани со нивни значајни датуми, како, на пример, Бугарите на Денот на бугарската армија, Србите редовно ги одбележувале годишнините од Брегалничката битка, најкрвавата во Втората, во која завојувале сојузниците од Првата балканска војна.
– Бев дете на осум години кога бугарските власти на 6 мај 1942 година организираа собир на Денот на бугарската армија. Имаше воен оркестар, парада, се построија војнички и полициски единици, како и ветерани од балканските војни, на кои им беа доделени медали. Два месеца пред тоа, во Штип имаше голем бунт против комесарот на бугарската администрација Панче Костов Анчев, штипјанец кој претходно емигрирал во Бугарија. Неговиот брат во 1907 година извршил предавство пред Турците на војводата Мише Развигоров, за да ги сокрие своите финансиски малверзации како благајник на револуционерната организација во Штип. Комесарот беше сменет, но беа затворени видни штипјани што учествуваа во бунтот, меѓу кои и татко ми – раскажува виталниот пензиониран правник Ванчо Јосифов (84).
Тој соработувал со Коруновска во собирањето материјали за двата дела на публикацијата, поради неговите многубројни контакти со учесници во балканските и во Првата светска војна и со членови на нивните семејства.
– Тоа биле тешки судбини за кои луѓето долго стравуваа да зборуваат, а и уништувале многу фотографии во семејните албуми од тие времиња. Окупаторските власти овде се менувале. А и по ослободувањето од фашизмот и создавањето на нашата држава многумина стравуваа некој да не им види фотографија во бугарска или во српска војничка униформа, па евентуално да има последици. Затоа и многу приказни, најчесто трагични, од тие времиња остаанаа нераскажани или недораскажани. А ги имаше многу – истакнува Јосифов.
И војничките писма и разгледници сведочат за тие мрачни времиња
Еден од тие учесници во војните од пред еден век што најдоа место во книгата на Коруновска е Коце Андонов познат по прекарот Убав Коце (1877-1963), кој бил учесник во Првата светска војна во редовите на бугарската армија. Неговиот внук Методи Андонов, познат уметник и карикатурист од Штип, сочувал дваесетина разгледници со кои се допишувале дедо му и баба му, додека Коце бил војник на боиштата.
– Разгледниците се еден вид сведоштво на тие тешки и мрачни времиња. Дедо ми (татко на мојот татко) прекарот Убав Коце го добил по својот татко, мој прадедо, Андон, кој во некоја прилика од тогашниот турски султан бил прогласен за најотмен и најличен човек на Балканот. Дедо ми Коце ги преживеал сите битки во Првата светска војна, потоа бил познат шивач во Штип. Почина во Штип во 1963 година, на денот на големиот земјотрес во Скопје, па добро се сеќавам на него. За време на допишувањето со баба ми Надешка, која е од фамилијата Кикириткови, а чичко и’ бил војводата Славејко Арсов, им починало детенце – раскажува Методи Андонов.
ЕПИДЕМИИТЕ КОСЕЛЕ КОЛКУ И ПУШКИТЕ И ТОПОВИТЕ
Во и по балканските и Првата светска војна, во Штип биле направени и повеќе споменици и две костурници на загинатите војници во војните, кои потоа, во зависност од тоа кој владеел со Македонија, биле уривани. Ако ги правеле Србите, ги уривале Бугарите и обратно. Во 1929 година во месноста Каленица, кај денешната Метеоролошка станица во Штип, била осветена импознатна спомен-капела на загинатите во Брегалничката битка од Втората балканска војна. Била урната од бугарските власти во 1941 година. Пред три години, на иницијатива на Здружението за заштита и зачувување на српските споменици во Македонија и по добиена согласност од Советот на општината Штип, на местото на урнатата спомен-костурница беше поставена спомен-плоча.
Во 1931 година била подигната и спомен-костурница со посмртните останки на повеќе од илјада војници починати од разни епидемии, која била урната од бугарските власти во 1942 година. Колерата, тифусот и маларијата можеби покосиле повеќе војници и цивили во балканските и во Првата светска војна дури и од пушките, ножевите и од топовите. Тогаш од дамчест тифус заболеле околу половина милион луѓе, речиси 150.000 од нив починале, од кои 30 до 40 илјади војници, а другите биле цивилно население. Од таа епидемија што пустошела во 1915 година, најмногу настрадала токму штотуку распарчената и поделена Македонија. Меѓу најпогодените региони бил брегалничкиот, кој уште ги немал санирано раните од претходната епидемија на колера, позната како „брегалничка епидемија“, која беснеела по Брегалничката битка од Втората балканска војна во 1913. Во таа епидемија починале околу 5.000 луѓе. Во нејзиниот шпиц само во Штип днево умирале по педеетина војници и цивили.