ММС, 21.12.2018
По убиството на Груев на 23 декември 1906 кај беровско Русиново, османлиските власти наредиле телото да биде откопано и фотографирано, за да се утврди дали навистина бил убиен големиот македонски револуционер, фотографирањето го извршил беровецот Гаврил, првиот фотограф во Малеш, инаку голем зограф, кој од сиромашно овчарче стигнал до Света Гора, каде што кај познати зографи го изучувал занаетот, потоа и тој учел млади зографи, неговите икони ги има во многу балкански земји, во Русија, а поради големата љубов во родниот крај и во саканата Марија, се вратил во Берово, каде што на една од првите свои икони изработени во беровскиот манастир „Св. Архангел Михаил“ се потпишал: „Иконописец Гаврил Атанасов, Македонец, од село Берово, Малеш, 1897 година“
Пишува: Љупчо Шатевски
За да се уверат дека на 23 декември 1906 година кај беровското село Русиново навистина го убиле големиот македонски револуционер Даме Груев, османлиските истражни органи наредиле неговото мртво тело да биде откопано и фотографирано. Фотографирањето го извршил беровецот Гаврил Атанасов Зографот, првиот фотограф во Малешевијата и во поширокиот регион. Таа фотографија е една од ретките сочувани на Гаврил, кој бил исклучителна личност, извонреден зограф и голем патриот, но за него многу малку се знае, иако доживеал длабока старост зашто живеел од 1862 до 1951 година.
Во 1897 на своја икона ја запишал и својата националност – Македонец
За да нема дилеми од каде е и што е по националност, плодниот зограф во 1897 година, веднаш по своето враќање од Света Гора во родното Берово, јасно се потпишал на една од своите први икони направени во Малеш. На иконата на св. Јован Златоуст, изработена на плех и која и денес стои на централно место на јужната олтарска врата на беровскиот манастир „Св. Архангел Михаил“, стар речиси два века, запишал: „Иконописец Гаврил Атанасов, Македонец, од село Берово, Малеш, 1897 година“. Затоа и онаму каде што денес малку се споменува Гаврил Атанасов се именува и како Гаврил Македонски – Зографот, Гаврил Беровец или Беровски или Гаврил Зографски.
– Бил врвен, исклучителен зограф, иконописец. Зад себе оставил околу 300 вредни икони, од кои многу се во Русија, Софија, во Пиринска Македонија, во Берово и низ црквите и манастирите во Македонија, особено во нејзиниот источен дел. Најдолго творел во манстирот „Св. Архангел Михаил“ во Берово. Неговата љубов кон родниот крај и неговата Марија, народот ја опеал и во народна песна која и денес не е заборавена. При фрескопишувањето на возобновената беровска црква „Св. Богородица Балаклија“ академскиот сликар Ѓорѓи Даневски го наслика и ликот на Гаврил – истакнува беровскиот историчар Ѕвонко Скендерски.
Од овчар, говедар, аргат, калајџија и бичкаџија до врвен зограф
Гаврил потекнува од многу сиромашно семејство. Татко му се преселил од Крушево во Берово, каде што се оженил со беровка. Гаврил уште како мал, кога бил ученик, лете и во слободното време по часовите работел како овчар и говедар на туѓи стада. Потоа бил и калајџија во Струмичко и во Пијанечко, како и аргат и бичкаџија во Штипско. Слична судбина имал и неговиот помлад брат Христо, кој заминал за аргат дури на Света Гора. Во 1881 година на Света Гора, кај брата си, кој тогаш станал игумен во рускиот манастир „Св. Пантелејмон“, заминува и Гаврил, кој тогаш имал 19 години. Почнал како аргат, а набрзо, со помош на Христо, почнал да посетува часови кај еден зограф од грчко потекло.
Кај него бил три години, но не бил задоволен зашто повеќе му бил слуга на зографот одошто можел да го учи занаетот, па успеал да се запише на Карејската зографска школа на зографот Христо Матеу, кој веднаш го забележал исклучителниот талент на младиот беровец и го поставил за свој единствен соработник. Убавите икони што ги прави Гаврил, од Света Гора почнале да се испраќаат во Русија и во повеќе балкански земји. Десетина години подоцна, рускиот зограф Поликарп, кој работел во светогорскиот манастир „Св. Пантелејмон“, го поканил Гаврил кај себе. Бидејќи рускиот зограф веќе бил многу стар, целата работа му ја оставил на беровецот, вклучувајќи ја и големата сликарска работилница, во која Гаврил почнал да учи нови генерации зографи.
Копнежот по родниот крај и по саканата Марија го вратиле во Малеш
Но, копнежот по родниот крај и по саканата беровка Марија-Маца од семејството Побуровски бил пресилен и пресуден Гаврил Атанасов да се врати во родното место. „Маце, Марие, бела беровко, жени се Маце, мен не чекај, јас ќе си стана млад калуѓер…“, ја опеал народот во Малеш големата љубов, која, сепак, завршила со брак, во кој Гаврил и Марија добиле осум деца.
Гаврил продолжил да твори во Берово, а по неговите стапки тргнал и син му Борис, кој зад себе оставил педесетина икони во повеќе цркви и манастири главно во источна Македонија.
– Иако по професија сум дипломиран економист, зографството и мене ми е големо хоби. Правам икони, сум имал и изложби, со што на некој начин ја продолжувам семејната традиција, исто како и нашата внука Ленче. Гаврил беше исклучителна личност со врвен творечки опус, за кого, за жал, речиси ништо не се знае. Имам желба да се направи една книга за него, за неговото дело да не остане заборавено. Го познавав зашто тој почина во 1951, кога јас имав 12 години – вели беровецот Бранко Дупкарски, зет за ќерка на Борис и внука на Гаврил.
Зографството, односно иконосликарството му била основна и главна работа на Гаврил Атансов кога се вратил во родното Берово, а дополнително се занимавал и со фотографирање. Снимил и повеќе историски настани. Но, за жал, целата негова архива изгорела во голем пожар во 1934 година што ги зафатил неговото ателје и куќата во Берово. Една од ретките негови сочувани фотографии, благодарение на историските архиви, е таа со мртвото тело на Даме Груев.
ФОТОГРАФИЈАТА Е НАПРАВЕНА ДВЕ СЕДМИЦИ ПО УБИСТВОТО НА ГРУЕВ
– Турските власти во првиот момент не знаеле дека меѓу убиените е и големиот македонски револуционер Даме Груев. Кога во истрагата дошле до такви сознанија, било наредено да се откопаат и фотографираат загинатите. Фотографирањето по наредба го извршил Гаврил Зографот. Неколку дена подоцна бил потврден идентитетот на Даме и на неговите соборци, по што им биле дадени одликувања на војниците што учествувале во акцијата – вели историчарот Скендерски.
Даме Груев во Русиново застанал на пат од Солун кон Пиринска Македонија и Софија. Со дружината се сместиле во куќата на Алаѓозови, каде што требало да преноќат. Но, веројатно поради предавство, малата група била нападната од аскерот. Кај куќата загинале соборците на Даме – Сандо Китанов и Ѓорѓи Поп-Стојанов. Груев со Атанас Карчев и курирот Глигор Митов, кој немал оружје, тргнал кон месноста Петлец на седум километри од Русиново. Бил ранет во ногата, а од крвта останувале траги во снегот. Аскерот ги следел. Бидејќи бил без оружје, Даме му наредил на курирот Глигор да ги напушти, да не биде лесна жртва. Во нерамната престрелка потоа тој и Карчев загинале.
Утредента русинци во еден гроб на гробиштата во Русиново ги закопале Груев, Китанов и Карчев, а Ѓорѓи Поп-Стојанов бил закопан на гробиштата во соседното Владимирово, од каде што бил. Освен Даме и неговите соборци, жртви биле и сопствениците на куќата, Димитар и Божана Алаѓозови, кои без објаснување биле стрелани. До 1953 година Груев почивал во Русиново, кога неговите посмртни останки биле пренесени во неговото родно Смилево. Русинци редовно секоја година масовно ги посетуваат спомен-обележјата на Груев и на неговите соборци во селото и во месноста Петлец на Малешевските Планини.