Софтвер за „Млади таленти“ е еден од чекорите со кои УГД се обидува да изгради подобра соработка со Средношколските центри и младите воопшто.
„Софтверот е развиен од страна на Факултетот за информатика при УГД и во соработка со средните училишта ќе биде наменет на планско собирање на информации за млади таленти од средните училишта на кои понатаму УГД ќе им создава услови и можности за развивање на нивните знаења и вештини, со помош на ресурсите на УГД,“ најави ректорот на УГД, Дејан Мираковски на „Форумот за младинско учество во образованието“.
„ Во моментов го работиме тоа софтверско решение во кое ќе можеме нивните интереси за одредени области, за одредени истражувања, да ги добиеме, директно да изградиме капацитети на талентираните ученици, и да прилагодиме посебни програми за истражување во коишто тие лица ќе може да бидат дел од нашите истражувачки активности, од нашите лаборатории, и наши кадри да ги подготвуваат за натпревари. Тоа ќе значи многу подиректно поврзување помеѓу младите талентирани ученици и нашиот Универзитет и капацитетите со коишто располагаме,“ образложи Мираковски.
Но не само тоа, додава Мираковски, УГД се обидува да изгради целосна соработка со Средношколските центри, и неговите ресурси да можат да се користат, средношколците да можат ги искористат за нивната идна професионална кариера.
Одржувањето на „Форумот за младинско учество во образованието“ е вистински начин на едно место да дискутираат и во иднина да соработуваат, средношколските центри, универзитетот и бизнис секторот.
Според Наташа Јаневска, проект менаџер во Стопанската комора на Македонија , ваквите форуми се од големо значење затоа што во средбите со стопанствениците, тие се почесто изразуваат загриженост поради фактот дека младите ги немаата соодветните стручни вештини за нивно побрзо вработување или пак се неприменливи кога ќе се вработат.
„Тоа ни го покажуваат и анализите коишто постојано ги прави Стопанската комора.Една од нив вели дека 82% од компаниите искажале потреба дека сакаат да регрутираат кадар, меѓутоа не можат тоа да го направат во целост, додека 45% од компаниите причината ја гледаат во ограничениот број на кандидати, коишто ги поседуваат потребните стручни вештини.Сето ова може да го решиме само доколку воспоставиме еден нов начин на работа, една длабока соработка помеѓу бизнис заедницата и високо образованите институции, креирање на заеднички студиски програми,“ смета Јаневска.
Таа тврди дека расте свеста кај средните па и помалите компании да даваат одреден надомест за студентите коишто доаѓаат на пракса. Во делот на стручното образование тоа се регулира во новиот закон за стручно образование и обука.
„Можеби ќе треба да се направи и некоја законска измена и за високото образование,“ додава Јаневска.
А кога стекнатото образованието не значи и соодветно образование многу е битна и преквалификацијата или доквалификацијата. Тоа е процес на којшто би требало да се даде акцент, смета Деја Ѓошев, одговорен за човечки ресурси во диспечерската фирма „Супериор“.
„Мора да се даде акцент на меките вештини коишто исто така се многу битни за еден млад човек да го достигне својот потенцијал. Помина времето на генерациите и вработувањата во одредени институции и компании за цел живот. Време е за новите генерации,“ вели Ѓошев којшто го презентираше своето искуство на Форумот.
В.Кр