Можеби звучи чудно по аферата со издадените македонски пасоши за светски криминалци, но ниту еден инвеститор до сега не ја искористил можноста да добие наше државјанство преку инвестиција. Иако, македонскиот пасош, според специјализираната компанија „Хенли енд партнерс“, е меѓу десетте најевтини во светот.
Имено, македонски пасош се добива со инвестиција од 200.000 до 400.000 евра и кратка процедура меѓу два и пет месеци.
Издавањето на пасош со инвестирање, е утврдено со владина Уредба, која дефинира на кој начин странец може да се стекне со македонско државјанство. Во случајов, инвеститорите се надлежност на Фондот за иновации и технолошки развој.
На прашањето за тоа колку инвеститори до сега добиле пасош на основа на инвестирање, од ФИТР одговорија дека до нив нема пристигнато ниту едно барање „односно потврдување на постоење на економски интерес за потребите за издавање на државјанство за ниту еден странски државјанин – барател на македонско државјанство“. Сепак, не’ упатија кај Владата, која пак, повторно не’ врати кај ФИТР како надлежна институција за ова прашање.
„Уредбата за утврдување на критериумите за особен научен, економски, културен, спортски или друг национален интерес за стекнување државјанство на Република Северна Македонија е акт кој го донесува Владата на Република Северна Македонија, а врз основа на член 11 став 2 од Законот за државјанството на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр. 67/92, 8/04, 98/08, 158/11 и 55/16). Оттука, за сите прашања поврзани со примената на наведената Уредба, може да се обратите до Владата на РСМ“, стои во одговорот на ФИТР.
Нигерски медиум ги повика бизнисмените да инвестираат во Македонија
„Владата на Северна Македонија има потреба од богати и талентирани луѓе кои можат да инвестираат во земјата и да ја стимулираат нејзината економија. Да се биде државјанин дава бенефиции како слободно движење во неколку земји, вклучително и Шенген зоната , како и е-виза за Индија“, пишува нигерискиот медиум Nairametrics.
Понатаму текстот ја објаснува процедурата за добивање македонско државјанство додавајќи дека „програмата може да се заврши во рок од два до пет месеци со минимална инвестиција од 200.000 до 400.000 евра, без минимални барања за престој или јазик“.
Нигерискиот медиум потсетува дека „граѓаните исто така ќе имаат можност да го пренесат државјанството на нивните идни генерации, со пристап до стратешки трговски пазар и многу повеќе“.
Но, многу повеќе со сите детали за инвестицискиот македонски пасош преку посебна интернет страна има на глобалната компанија „Хенли глобал“.
Во подолгиот информативен материјал со сите поединости за стекнување македонско државјанство преку инвестирање, пишува дека „за оние кои би сакале да станат граѓани на оваа растечка европска економија, Програмата за државјанство на Северна Македонија по инвестиција е најефикасниот начин за стекнување на таков статус“.
-Владата ги поздравува богатите и талентирани странски поединци кои се способни да направат значајна, квалификувана инвестиција во земјата која би ја поттикнала економијата преку странски директни инвестиции. Според оваа програма, поединци можат да станат државјани на Северна Македонија во рок од пет месеци. Владата во моментов е во процес на поставување на програмата, се објаснува во текстот на „Хенли глобал“.
Понатаму се објаснува дека апликациите за македонско државјанство мора да вклучуваат изводи од раѓање и за брак и потпишан проспект и документи за откуп на акции од фондот одобрен од владата. Програмата е под директен и близок мониторинг на Фондот за иновации и развој на технологијата на Република Северна Македонија, додека „клиентот контактира со Henley & Partners“.
Инвестицискиот пасош не е новина во светот, но ја загрижува ЕУ
Над 100 земји во светот имаат некаква форма која го регулира издавањето на државјанство односно миграција во замена на инвестирање. Од земјите од регионот се Бугарија и Црна Гора, како земја кандидат. Во случајот со Бугарија, Европската комисија ја предупреди земјата членка поради издавањето на тнр. „златни пасоши“ во замена за инвестиции. Истото се однесува и за Кипар и Малта. Бугарија.
Лани во февруари, со измените на Законот за државјанство, Бугарија ја укина оваа можност. Но, доцнењето со укинувањето, Бугарија ја чинеше влез во Шенген зоната.
„Златните пасоши“ беа голема афера во Бугарија. Пратеникот Хамид Хамид објави дека добил анонимна дојава, во која се тврди дека повеќе од 120 кинески и руски државјани, од кои некои соработници со специјалните служби, на сомнителен начин добиле бугарски пасош за инвестиција од над 1 милион лева (500.000 евра). Поранешниот директор на Агенцијата за инвестиции Стамен Јанев заврши со обвинение за „шема со златните пасоши“.
В.К.