Македонскиот рокер и познат музички менаџер, Сашко Андриески, попознат како Сале – Рокер или Сале СРВ, по последните свои песни и неколку кавер верзии, како оние на познатите хитови на Галија или Азра, има нова авторска песна.
Задржувајќи го својот препознатлив рокерски стил, овој пат македонскиот музичар ја промовира својата рок блада насловена „Зошто да ти верувам?“
Останувајќи доследен на својата музичка определба, македонскиот рокер овој пат лириката во љубовните стихови напишани заеднички со стариот проверен лиричар Огнен Неделковски ја преточил во балада за „скршените срца“ на заљубените чиј свет се урива пред „двете лица на љубовта“. Аранжманот на песната го потпишува Драган Ристовски во чие студио е и снимена песната.
Продолжувајќ ја старата традиција дел од големите музички ѕвезди со кои како менаџер Сале -Рокер работи при договарање и организација на нивните настапи низ Македонија, тие да му гостуваат на неговите песни и овој пат уште едно големо музичко име од регионот се појавува како дел од овој проект.
Легендарниот лидер и гитарист на култната хард рок група „Дивље Јагоде“, Зеле Липовача ги свири гитарските делници на песната, во која неговата препознатлива гитарска боја и начин на свирење оставаат дополнителен личен печат. Песната, покрај македонската има и српска верзија, насловена како „Кад су речи ратници“ чиј српски текст е дело на Сефо Дуративиќ, инаку член на придружниот бенд на Ален Исламовиќ.
Песната е визуелизирана со едноставно студиско видео прошаранао со инсерти на прошетката на една љубовна двојка во Градскиот парк во Скопје, а неговата реализација повторно ја потпишува ДРД студио, односно Драган Ристовски како камерман и монтажер на спотот.