Марш за одбрана на новинарското достоинство – под ова мото утре ќе обединат медиумските професионалци марширајќи за поголеми работнички права и побезбедни услови за работа.
Маршот кој го организираат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ќе почне во 10.30 часот пред Влада, а потоа продолжува кон Собранието.
Дарко Дуридански, проект менаџер во ССНМ, за ММС вели дека барањата ќе ги испорачаат и до Владата, но и до законодавниот дом, со цел да се поттикнат разговори со властите во однос на состојбата со медиумите.
Медиумските работници преку маршот ќе побараат:
– Итно донесување на неопходните закони кои се важни за правата на новинарите и работата на медиумите и нивно доследно имплементирање;
– Јавните функционери и политичарите да ги почитуваат новинарите и снимателите;
– Крај на агресивниот државен пи-ар;
– Поддршка за локалните новинари и медиуми;
– Почитување на работничките права на новинарите и медиумските работници;
– Безбедни услови за работа на новинарите и медиумските работници;
Дуридански вели дека своето присуство веќе го најавиле вработените во локалните и регионалните медиуми од внатрешноста , додавајќи дека Синдикатот има повеќе идеи за тоа како да се поддржи нивната работа бидејќи тие се значајни за целокупната медиумска слика во земјата.
„ССНМ како една иницијатива ја поддршка идејата за таканаречениот фонд за медиуми. Тоа сѐ уште не е во некоја сериозна фаза, таа идеја сѐ уште само се дискутира. Како и да е, ССНМ постојано го повторува тоа дека каква и да е поддршката за медиумите, особено за локалните, мора да се потпира на една основа, а тоа е парите да бидат за новинарите и медиумските работници и за квалитетни медиумски содржини. Тоа е единствениот одржлив начин за поддршка на медиумите“, потенцира Дуридански.
Тој потенцира дека утрешниот настан не е класичен протест туку марш, а потребата за него се наметнала по последните случувања со навредите кон медимските работници и нивното ограничување за да известуваат.
„После низата случувања особено во последниот месец и половина кога имаше навреди и понижувања кон новинарите кои доаѓаа и од политичари и од владини функционери, сметавме дека има потреба да излеземе и да покажеме дека сме тука. Да покажеме дека не сме само декор бидејќи навредите кон новинарите се и навреда кон јавноста, со тоа и кон граѓаните. Дали еден протест или марш е успешен, тешко е да се измери, но во минатото имаме позитивни примери како што беа протестите за колегата Томислав Кежаровски пред околу девет години и може да се каже дека тие вродија со плод“, посочува Дуридански.
Очекувањата на Синдикатот и на Здружението се по маршот да се отворат разговори за нивните барања.
„Едно од барањата е стоп на агресивниот владин пи-ар. Како пример за тоа може да се посочи чествувањето на Гоце Делчев кога имаше проблеми околу условите и можностите на новинарите и медиумските работници за известување од тој настан. Очекуваме дека ќе се отвори поконкретен и почест дијалог со цел да се решат некои од овие прашања“, заклучува Дуридански.
В. Ми