Кони и Пикси, заедно со своите водачи заминаа за Турција, каде ќе помогнат во пронаоѓање и спасување на човечки животи под урнатините, по катастрофалните земјотреси, кои се случија во понеделникот.
Од информациите што досега пристигнуваат, Кони и Пикси го пребаруваат теренот под урнатините и пронаоѓаат, но за жал, засега само починати.
Но, кои се Кони и Пикси, чија задача е да бидат таму каде што човечката рака и ум не можат? Кои се овие две кучиња, сопственост на Армијата на Македонија, кои ќе бидат рамо до рамо со спасувачите. Од АРМ велат дека се од расата белгиски овчар и лабрадор, кои се на 5-6 годишна возраст. Кони е лабрадор, а Пикси е белгиски овчар.
Но, колку Кони и Пикси ќе успеат во својата мисија, колку досега се нашле во вакви ситуации и каде имале обука ММС побара одговор од Армијата, од каде на големо изненадување ни беше речено дека водачите на кучињата имале обука во Турција и сега одат токму таму да помагаат.
-Двете службени кучиња, кои се упатени во состав на тимот за претрага и спасување да помогнат во спасувањето на драгоцени животи во областите погодени од катастрофалниот земјотрес во Туркије се од расата белгиски овчар и лабрадор, а се на 5-6 годишна возраст. Имаат поминато комплетна девет месечна специјалистичка обука за откривање на лица при елементарни несреќи во нашиот армиски центар за обука и дресура на службени кучиња од составот на командата за обука и доктрини. Кучињата се целосен продукт на нашиот центар каде се родени, одгледани и обучени за оваа намена, велат од Армијата.
Кони и Пикси не се единствените кучиња кои ги има АРМ. Центарот располага и со уште неколку од различни раси, а дел од нив досега учествувале во одредени претраги.
-Покрај овие кучиња центарот располага и со кучиња од расата германски овчар, белгиски овчар, шарпланински овчар, лабрадор-ретривер и ротвајлер. Дел од овие кучиња земале учество со одредите за специјална намена на многубројни вежби, како и во случаи на претрага. Таков беше случајот по катастрофалните поплави во 2016 година во Скопје. Водачите на двете службените кучиња се искусни инструктори за ваков вид на обука кои се имаат усовршувано токму во Република Туркије, информираат од АРМ.
Но, постои ли определена раса кучиња, која е најдобра во ваков вид на потрага и колку трае таа обука, по која кучето е комплетно подготвено за „работа“.
ММС разговараше со Николај Атанасовски, дресер на кучиња од Штип, кој во неговиот стационар секојдневно се дружи со најдобрите пријатели на човекот и ги обучува за различна намена.
-Постојат повеќе раси на кучиња за барање на предмети. Меѓу подобрите би ги издвоил белгиски овчар- Малиноја, германскиот овчар и лабрадор. Да се издресира едно куче за барање предмети. Како на пример тениско топче, е потребно околу три месеци. Тоа е вовед за понатаму. Без оглед дали се специјализира за барање на наркотични сретства, експлозиви или луѓе. Значи вака обучено куче се смета како полу обучено куче. За комплетно да биде издресирано ќе треба уште четири месеци, вели Атанасовски и додава:
– Со дресурата се почнува од четири месечна старост на кучето. Значи дресурата се сведува на игра и доверба меѓу дресерот и кучето. Мислам дека во Макединија нема приватно комплетно издресирано. Јас имам работено со белгиски овчар – малиноја ама е полу издресирано, знае да бара кога ќе му се каже. Односно на наредбата „барај каде е сокриено топчето“, тоа го наоѓа, вели Атанасовски.
Првите резултати од способноста на Кони и Пикси се очекуваат деновиве, кога ќе бидат на терен во погоденото подрачје.
Кони и Пикси нема да бидат единствените кучиња, кои ќе помагаат во спасување на што повеќе човечки животи по разорниот земјотрес. Уште неколку држави најавија дека покрај екипите на помош ќе испратат и свои дресирани кучиња.
В.М.