Семејните домови на тројцата другари Онур, Салих и Енис во Адијаман, Турција, кои студираат во Скопје, за миг станале урнатина по катастрофалниот земјотрес кој досега однесе илјадници жртви.
Меѓу нив се и родителите на младиот Онур, додека Салих и Енис веќе втор ден се во неизвесност дали нивните семејства се живи. Овие момчиња и покрај нивната лична трагедија, му помагаат на својот народ од нашиот главен град, далеку од нивната родна земја до која сега тешко се стигнува. И покрај болката за своите сонародници, тие од вчеравечер се организираа со нивните другари во Скопје собирајќи донации за погодените.
Каде се наоѓаат пунктовите и што сѐ граѓаните може да донираат, ни раскажа Орхан Аљуш, другар на момчињата кои во земјотресот изгубија сѐ што создале нивните родители.
„Онур ги загуби мајка муј и татко му, а Салих и Енес не можат да добијат информација за своите семејства. Енес доби слика од свој другар од Турција на која се гледа дека целата куќа е срушена, но таму моментално нема интернет ниту воопшто има мрежа и не може да добие дополнителна информација“, ни раскажа Орхан чии другари од Адијаман всушност престојуваат во Скопје бидејќи студираат на еден од овдешните универзитети.
Покрај нив, има и други турски студенти кои прават напори да стигнат дома за да му помогнат на својот народ.
„Освен нив има и многу други студенти од Турција, но за нив немаме подетални информации. Знам дека дел од нив се спремни да патуваат за Турција, поточно до Истанбул. Летот им бил откажан па ќе видиме што ќе прават и како ќе одат за да помогнат“, ни изјави Орхан.
Неговите другари пак, планираат да се вратат дома со возилата со кои ќе се носат донациите собрани во Скопје, а тие возила треба да тргнат од овде в недела или понеделник.
„Пунктовите за донации ги организиравме дваесетина другари, од кои половината се од Турција, но студираат овде. Останатите ние сме од Скопје и сами се организиравме да ги отвориме пунктовите. Едниот пункт ни е во центар на Плоштад, а другиот во Стара скопска чаршија кај Џамијата Мурат Паша. Добивме одобрение од Општина Чаир, од полициска станица Бит Пазар, имаме одобрение од Турската Амбасада и Град Скопје. Пунктот во центар е отворен од вчера, а во Чаршија е од денеска од 10 часот претпладне“, објасни Орхан.
Тој рече дека граѓаните може да донираат алишта, јоргани, долна облека, перници…
„Јадење не смееме да земеме како донација, на пример масло, млеко и слично бидејќи ни е забрането да поминеме граница и да носеме јадење и пиење. Собираме само алишта и пари, со кои би го купиле тоа што ќе недостига“, изјави Орхан додавајќи дека пунктовите ќе бидат отворени во следните пет дена, а донациите ќе ги носат со три сопствени возила и со шлепер во сопственост на компанија.
„Би сакал да апелирам да се шири информацијата за пунктовите, кој што може да ни помогне со алишта или пари, ние ќе бидеме тука. Досега имаме доста собрано, но мислам дека ова за нас не е ништо, можеме и повеќе. Нашите другари се многу тажни, се надевам дека тие што немаат информација за семејствата, на крај ќе добијат убави вести“, порачува Орхан.
Четири пунктови за донации во организација наТуристичко-угостителската комора
Последиците од катастрофалниот земјотрес несомнено ја извадија на површина хуманоста и солидарноста на нашите граѓани, кои може да донираат за турскиот народ и на четирите пунктови кои ги организира Туристичко-угостителската комора. Претседателот на Комората, Аркан Керим за ММС вели дека пунктовите се распоредени кај Универзална Сала и кај Охис во Скопје, но и во Маврово и во Ростуше.
„Ние направивме еден апел до сите добронамерни поддржувачи на луѓето во тешко, да помогнеме на настраданите од земјотресите. Имаме четири активни пунктови и интересот од страна на луѓето е огромен, фала Богу што сме хумани. Ние потекнуваме од град којшто бил погоден од земјотрес и секое добро што го правиме се надевам ќе допре до луѓето кои се погодени од земјотресите“, вели Керим.
Тој потенцира дека пунктовите ќе бидат отворени постојано во текот на следните денови , а не само во одредени временски интервали бидејќи како што нагласува, сите работат со срце и целосно стојат на располагање.
„Сакам да апелирам да бидеме хумани, во тешко се познаваат пријателите. На нас кога ни било тешко први ни подале рака турскиот народ. Да подадеме и ние рака на луѓето кои се во лоша ситација, има преку 200.000 луѓе заглавени под урнатини, ова е незапаметен земјотрес, а дополнителен проблем се и минусните температури, едноставно ова е катастрофа“, додава Керим.
Донациите кои ќе се соберат на споменатите четири пунктови до Турција ќе се носат со камиони, а првиот ќе тргне веднаш штом ќе се соберат доволно донации. Тој истакнува дека донациите се наменети само за Турција, бидејќи немаат податоци, ниту начини барем дел од собраното да се однесе до Сирија.
Во помош на Турција веќе тргнаа и македонските војници, како и дел од пожарникарите и од спасувачките тимови на општините во земјава. По земјотресот кој однесе минимум пет илјади животи, Владата одржа вонредна седница на која одлучи да испрати шест милиони денари за помош на настраданите во катастрофалниот земјотрес, пероснал, механизација, душеци, ќебиња и спасувачи.
Вања Мицевска