Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников најавува дека Русија подготвува нова голема офанзива во неговата земја и предупреди дека таа може да почне на 24 февруари.
Резников изјави дека Москва мобилизирала илјадници војници за да може „нешто да се обиде“ на одбележувањето на годишнината од почетокот на инвазијата во 2022 година.
Со таков напад би се одбележал и Денот на бранителот на татковината во Русија, 23 февруари, со кој се слави војската.
Радио Слободна Европа пренесува дека Резников смета дека Москва сега мобилизирала околу 500.000 војници за новата офанзива.
Рускиот претседател Владимир Путин во септември 2022 година најави општа мобилизација на околу 300.000 војници, што според него тогаш беше неопходно за да се обезбеди „територијалниот интегритет на земјата“.
Резников смета дека вистинскиот број на војници кои се регрутирани и распоредени во Украина може да биде многу поголем.
-Официјално објавија 300.000, но кога ќе ги видиме војниците на границите, според нашите проценки, тоа е многу повеќе, рече Резников.
И покрај тешките борби во источниот регион Донбас, војната во последните месеци е во ќорсокак, особено откако Украина ја поврати контролата врз јужниот град Херсон.
Со исклучок на руското заземање на градот Соледар, ниту една страна не направи голем територијален напредок.
МИА