ММС

Објавено на: 08/6/21 9:06 AM

До кога бебето само да се дои и кога да почне мајката со дохрана – Со нутриционистката Маја Велковска за придобивките од мајчиното млеко

Заштитата на доењето е заедничка одговорност, е мотото под кое се одбележува Светската недела на доењето од 1 до 7 август. Мајчиното млеко е познато и како „течно злато“, а веќе одамна е познато дека тоа значително влијае на зајакнување на имунитетот на детето.

Какви се поконкретно придобивките од доењето по здравјето на бебето, кога и како да се почне со дохрана се само дел од прашањата на кои, по повод Светската недела на доењето, за ММС одговара нутриционистката, Маја Велковска. Во интервју за Македонски медиа сервис таа објаснува дека самата исхрана на мајката уште во текот на бременоста, има огромно влијание врз здравјето на бебето.

-Како што избалансираната и квалитетна исхрана на трудницата може поволно да влијае на здравјето на бебето, така и неправилната исхрана на трудницата може да придонесе за зголемен ризик од појава на некои болести и состојби кај бебето/детето. Во поглед на тоа какво влијание има исхраната на мајката доилка врз квалитетот на млекото, можеме да кажеме дека млекото генерално ќе има непроменет состав без разлика на исхраната на мајката, но ова воглавно се однесува на макронутриентите (протеини, масти, јаглехидрати) и на некои други состојки, што значи млекото ќе содржи скоро се’ што треба да содржи, дури и ако мајката не се исхранува баш најдобро. Но исто така е докажано и дека за некои состојки, како што се омега 3 масните киселини,  внесот на омега 3 масни киселини кај мајката, директно влијае на количината на омега 3 масни киселини во млекото на таа мајка, така што доколку е можно, треба да се обрне максимално внимание на тоа мајката доилка да се исхранува здраво и со избалансирана исхрана, но дури и тоа да не е така, мајчиното млеко останува супериорна исхрана за здраво доенче, споредено со сите други начини на исхрана – објаснува нутриционистката.

Како мајчиното млеко влијае врз здравјето на доенчето, дали го подобрува имунитетот и може ли придобивките од него да се почувствуваат на долг рок?

-Постојат многу извештаи и публикации за тоа на кои се’ начини мајчиното млеко влијае врз здравјето на доенчето/детето, а некои од позитивните ефекти кои се наведуваат таму се: заштита од гастроинтестинални инфекции и од респираторни инфекции; намалување на смртноста кај доенчињата; долгорочна заштита од дебелина; потенцијална заштита од висок крвен притисок; обезбедување на одредени елементи кои не може да се внесат со другите видови на исхрана (имуноглобулини, лактоферин, леукоцити итн); заштита од дијареа; подобар развој на нервниот систем и уште многу други придобивки.

Мајчиното млеко е богат извор на есенцијални масни киселини (кои се неопходни за правилен развој на нервниот систем) и на одредени супстанци кои се од исклучителна важност за поддршка на имуниот систем кај бебињата.

Фото: Илустрација / Pixabay

Од кој месец е најдобро да се почне со дохрана (кашички) на бебето и што треба таа првично да вклучува?

Препораките на Светската здравствена организација се дека најдобро е ако со дохрана се почне на 6-месечна возраст и во секој случај дохраната не смее да се дава пред 17-та недела и не треба да се одложува по 26-та недела. Според официјалните светски и национални здравствени организации, нема ограничувања или конкретни препораки за тоа што треба да се даде како прва дохрана, но сите препорачуваат таа да биде во форма која нема да предизвика задавување кај бебето и секако тоа треба да биде здрава и нутритивно богата храна. Кај нас вообичаено дохраната се започнува со зеленчуци, овошја или житарки.

Дали има правило кога да се даде дохраната, а кога бебето да цица, во смисла на тоа дали кашичките да се дадат за појадок, ручек или вечера или сепак се’ зависи од распоредот на детето и мајката?

-Постои една препорака за тоа како се воведуваат нови намирници, кои бебето сѐ уште ги нема пробано, а тоа е дека најдобро е тие да се понудат после подој и да се понудат во утринските часови. Освен што се препорачува на почетокот дохраната да се нуди после подој и во утринските часови,  сѐ останато зависи од мајката и бебето.

Како дохраната да се искомбинира со доењето? Дали таа треба да замени еден оброк?

-СЗО нагласува дека до првата (идеално до втората) година треба да се практикува често доење по потреба/барање, бидејќи мајчиното млеко останува голем извор на одредени нутриенти дури и по воведувањето на дохрана (така само 550мл мајчино млеко задоволуваат околу  30-45% од дневните енергетски потреби на бебето, до првата година од животот, а мајчиното млеко е и одличен извор на есенцијални масни киселини и протеини). Не треба да се форсира дохраната да замени подој (особено не во почетокот), туку доколку е можно, треба да се остави бебето/детето самото да ја прифати дохраната како замена за подој, доколку има потреба од тоа (во подоцнежните фази на дохранувањето).

Вања Мицевска

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1