ММС

Објавено на: 05/1/21 12:10 PM

Човек нема мака ако е весел, работевме, па игравме, пеевме и пак работевме – Како се печали лебот со машина низ приказната на Галаба Ристеска

Вкупно 32 години звукот на машината за шиење бил секојдневие за штипјанката, Галаба Ристеска. На овој начин таа го вадела лебот, впрочем како и многу други нејзини сограѓанки од Штип,  градот кој е познат по текстилната индустрија.  

-Порано се работеше со шеги и песна. Платата беше мала, но тогаш се живееше подобро од сега – вели оваа седумдесет и петгодишна жена.

Таа, колку и да било тешко, со насмевка се навраќа наназад во спомените од работничките денови и во разговор за ММС раскажува колку бил ценет работникот пред десетици години. Со неа разговараме по повод Меѓународниот ден на трудот, кога се потенцира борбата за унапредување на правата на работниците.

 

Во 1962-та година, шеснаесетгодишната Галаба одлучува да стане чирачка во еден од двата кројачки салона во центарот на Штип. Таа и уште две девојчиња цела година, секој работен ден  оделе рано наутро во салонот за да го исчистат просторот, да ги избришат машините за шиење, како и да фатат „ука“ за шивачкиот занает, кој потоа ќе стане едно од главните обележја во нивниот живот. Истата таа година во градот се отвора модната конфекција „Астибо“, која ќе стане место на создавање на многу спомени на кои Галаба со задоволство се сеќава.

Од кројачкиот салон таа се вработува во оваа конфекција. Заработката ја делела на два дела – едниот за себе, другиот за родителите.

„Таму се работеше многу квалитетно, имаше дружба меѓу вработените. Пред да се омажам со колешките одевме и на игранки во спортската сала Партизан. Деновите ни поминуваа весело, си помагавме една на друга. Ако некоја не можеше да ја исполни потребната норма, ние ја распоредувавме работата меѓу себе и ќе и’ помогневме на колешката. Работевме прва и втора смена, а по потреба останувавме и прекувремено, но сето тоа ни беше платено“, споделува Галаба. Со своите вешти раце таа создала многубројни парчиња облека кои потоа завршувале во германските бутици. Кон местото на создавање на облеката, Галаба и колешките оделе со песна. Во автобусите полни со текстилни работнички владеела убава атмосфера, која потоа продолжувала и во конфекцијата.

-Извесно време на работа имавме шефови од Загреб и по појадокот тие ни пуштаа песни на звучници па знаевме да завртиме и по некое оро. Најгласни во пеењето бевме јас и колешката Ангелина. Кога ќе запеевме ечеше погонот и шефот ни велеше „пејте додека сте млади“! Тој зборуваше на својот јазик, но секако одлично се разбиравме, а и никому песната не му пречеше, бидејќи потоа се работеше квалитетно. Во погонот во кој јас работев се шиеше исклучиво женска облека. Колку кошули, здолништа и фустани ми прошле низ овие десет прсти… – вели Галаба.

Додека таа и колешките шиеле на своите машини, друга група жени подготвувале вкусни јадења чија миризба се ширела во мензата каде вработените во конфекцијата секој ден имале бесплатен оброк. Се’ се готвеше. Јадевме и ориз, и риба и мусака. Мензата беше и место каде се одржуваа и натпревари и квизови“, се сеќава нашата соговорничка.

Едни од најинтересните спомени се оние кои се врзани со натпреварите каде работничките ги покажувале своите таленти.

„Мене ме бидуваше за глума, па јас глумев на тие натпревари. Знаевме да ставиме и делови од машините во кутија па некои од работничките со заврзани очи да погодат што има во кутијата. Организиравме забави за Нова Година, таму се праве прослави и за Осми март“, раскажува Галаба.

Овие настани се организирале надвор од работното време и тоа на иницијатива на шефовите.

Како што растел обемот на работата, конфекцијата отворила погони во Радовиш, Кратово и Македонски Брод па работничките од таму доаѓале во Штип за да се натпреваруваат и забавуваат сите на куп.

Едни од најинтересните моменти од работничките денови, се оние во кои се работело дури и со ракија. Колку и да звучи смешно и невообичаено истовремено, ова било пракса меѓу работничките во зимските денови

„Од машина на машина знаевме да си подаваме греена ракиичка. Потоа кружеше и една чинија со туршија. Ќе пивнеш една голтка, малку ќе каснеш и продолжуваш со работа. Немаше застој, сите бевме вредни, се работеше со слога“, додава Галаба.

Во меѓувреме таа се омажила и по една година ја родила и својата ќерка. Во врска со тоа за што се’ стигала работничката плата и останувало ли за да се тргне на страна, вели дека се живеело скромно, но со сопругот успевале да заштедат.

„Мојот сопруг беше магационер во „Македонка“. Имавме прекрасен брак, сложно се живееше во нашиот дом, понекогаш успевавме да заштедиме и за на одмор. Одевме во Дојран “, додава Галаба. Таа сама го сошила матурскиот фустан на својата ќерка, но кога таа стана студентка, парите не стигнувале.

„Почнав да шијам и дома, ми доаѓаа муштерики. Ќе дојдев од работа и почнував со кроење, па потоа шиев. За ден-два успевав да ја завршам нарачката, со тие пари ја школувавме ќерката“, раскажува сега веќе, пензионирана штипјанка.

Звукот на машината за шиење се слушал и во полноќните часови.

„На мојот сопруг тоа не му пречеше, тој ќе си легнеше. Но, претходно во текот на денот знаеше и да направи ручек, да подзачисти, да измие садови. Студентскиот живот беше скап, плаќавме за факултет, праќавме пари на ќерката за да си купи книги, за да плати во студентскиот дом во којшто беше сместена. Тешко беше. Ќерка ми беше скромна, но платите не стигнуваа, затоа морав да почнам со шиење. Благодарение на тоа имавме доволно и за да ја пратиме на одмор. За неа мораше да има“, посочува Галаба.

Кога нејзината ќерка дипломирала, колешките од „Астибо“ дошле на матурска за да го прослават успехот заедно. Впрочем тоа се случувало постојано. Колешките се собирале и за матурски, за родендени, но и секогаш кога синот на некоја од нив требало да замине во војска.

Одбележувањето на „1-ви Мај“ исто така и’ евоцира убави спомени на Галаба. На едно место како што вели, се собирало и младо и старо. Зборното место бил викенд населбата Суитлак.

„Први мај толку убаво го чекавме. На Суитлакот се собираше цел град. Доаѓаа играорни групи, пејачи, тоа беше убавина што да ви кажам, имаше и младо и старо на исто место. И старо и младо играше“, се сеќава Галаба.

Вели дека не може да се пожали од работа, бидејќи е позитивна и весела личност. Дури кога се пензионирала не знаела што да прави дома по цел ден.

„Јас кога одев на работа немав главоболки. Се пензионирав и почна главата да ме боли, не сум научена така. Но, и сега со мерак си шијам. Не секој ден нормално, но си правам за себе пижами, блузи и слично“, додава таа.

Сепак, вели дека веќе тешко останува нешто за да се заштеди.

„Порано бевме со две пензии. Сега веќе сум сама, а животот е поскап. Се’ е поскапо“, смета штипјанката.

За тоа сведочат и бројните тетратки во кои таа од 1995-та година води евиденција за сите трошоци. Точно знае кој ден колку пари и за што потрошила. Паралелно со тоа води и дневник па знае да го препрочита она кое го напишала, за да се потсети на едни поинакви времиња.

Фото: Дел од дневниците во кои се раскажани деновите од минатото

Меѓу пишаните зборови се проткаени и текстилните спомени и спомените од раѓањето и растењето на двата внука на Галаба, од кои поголемиот сега веќе е правник, а помалиот економист. Таа е важна фигура во нивното воспитување и созревање и досега многу пати создала облека и за нив двајцата.

Машината се’ уште ја чува во својот дом, заедно со складираните материјали кои допрва треба да поминат низ вештите раце на оваа жена. Таа сама си ги шие и маските со кои се штити кога излегува надвор во овие услови на пандемија.

Занаетот кој почнала да го учи уште како малолетничка потоа им го пренела на низа други жени. Некои од нив се’ уште вредно го печалат лебот со машината,  но не со песна како што тоа го правеле нивните претходнички. Текстилната индустрија  е една од најповиканите кога станува збор за работничките права, бидејќи тие често се прекршуваат меѓу другото и со неисплатени плати, но и со принудни спогодбени договори.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.