ММС

Објавено на: 12/31/20 12:02 PM

Новогодишните честитки на Охрид стари 70 години -Охридскиот архив ги извади од депо спомените

Охридскиот историски архив од своето депо извади новогодишни честитки, со кои во Охрид се честитала Новата Година пред седумдесет и повеќе години. Честитките биле уникатни за тоа време. Нив ги испраќале не само локалните жители, туку и бројните работни организации на своите деловни партнери или соработници.Некои биле цртани, други пак во вид на фотографии создавани од познати охридски фотографи во тоа време.

„Ние во архивот поседуваме новогодишни честитки во период од 1950 до 1963 година. Истите биле создавани од фотографи, како што e Коста Андоноски. Интересно е што процедурата била едноставна.

Позначајните личности или претпријатија побарувале од фотографот да направи концепт и да направи фотографија од претпријатието или личност со натпис Среќна Нова година.Честитките ги испраќале на луѓето кои им биле важни. Подоцна доаѓаат и честитки со цртани мотиви со зимска идила, Дедо Мраз или Снешко“, вели Никола Митровиќ, директор на историски архив.

„Во склоп на фондовите и збирките кои ги поседува државниот архив во Охрид, се наоѓа и фондот на фотографот Коста Андоноски. Материјалот кој го поседуваме во најголем дел е од 1950 до 1965 година и содржи материјали од разни спортски, културни и политички манифестации кои се одржувале во Охрид.

Фондот содржи голема количина на фотографии и филмска лента од фотографии, кои што сведочат за периодот кога живеел Андоноски. Ние поседуваме и неколку новогодишни честитки кои што ги изработувал лично тој и кои што служеле за испраќање на новогодишни желби“, вели Славчо Новески, од историскиот архив во Охрид

Многу од честитките со кои некогашните охридски гиганти ја честитале новата година, се со мотиви од Охрид, од градското пристаниште, од охридската пастрмка, но и од препознатливата охридска архитектура.

„Кога ги гледате овие честити, неможе да не ви затрепери срцето, душата и раката. Зошто е тоа така. Бидејки постоел еден интересен флексибилен начин на изработка на новогодишни честитки. Фотографските мајстори навистина имале макотрпна работа да создадат новогодишни честитки. Фотографот, Коста Андоноски, најпрво изработувал еден концепт, за тоа како треба да изгледа новогодишната честитка, а потоа преку фотографија ја креирал таа честитка“, вели Митровиќ.

Митровиќ додава дека дури после 1965 година, се појавиле првите цртани новогдишни честитки, кои и денес се продаваат на новогодишните тезги. Од архивот велат дека се одличиле на овој чекор, како нивна симболична подршка, за иницијативата за враќање на некогашната традиција која последните години се повеќе изумира, а се однесува на пишување и испраќање на новогодишни честитки.

 Мики Трајковски



Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.