Општина Струга ги отстапува надлежностите за основните училишта на нејзина територија на Министерството за образование и наука за учебната 2025/2026 година.
Причина за тоа, како што наведуваат на официјалната фејсбук страница, е дека до крајот на годината им останувале за трошење само 985.304 денари за материјални трошоци, што не било доволни за финансирање или исполнување на нормални услови за одвивање на образовниот процес во 12 основни училишта. Поради доспеаните долгови, наведуваат, сите училишта ќе добијат опомени пред тужба, општината немала можност, согласно законот, да исплати регрес за годишен одмор и јубилејни награди за 2025 година. Нагласуваат дека за 70 паралелки наставниот и ненаставниот кадар ќе биде оставен на милост и немилост, со ризик да бидат затворени паралелките и работниците да останат без работа.
- Врз основа на ова, почнувајќи од 1 септември 2025 година, го известуваме Министерството за образование и наука дека со преносот на надлежностите за основните училишта, согласно член 167 од Законот за основно образование, ова министерство ќе може да го спроведе „рационализирањето, оптимизирањето и почитувањето на законските одредби“, токму онака како што министерството претходно одговори, преземајќи ја целата одговорност за продолжувањето (или непроодолжувањето) на образовниот процес на територијата на нашата општина, стои во известувањето.
Во објавата го известуваат Министерството дека од 1 септември 2025 година нема обврска да им испраќа блок-дотации на жиро-сметката на Општината, бидејќи, додаваат, од тој датум сите надлежности за основните училишта ќе бидат во нивни раце.