Се работи на проширување на позитивната листа со нови лекови, но и на прочистување на истата од застарените кои повеќе не им служат на граѓаните, истакна во емисијата Стадион министерот за здравство Азир Алиу. Тој посочи дека исто така се прават анализи за актуелните цени на здравствените услуги што ги користат граѓаните и пред да завршат истите не сакаше да прецизира дали е можно нивно поскапување.
Прашан за хаосот и гужвите на онкологија уште еднаш потврди дека многу наскоро ќе се дисперзираат терапиите на онколошките пациенти, со цел да се намалат редиците на онкологија во Универзитетскиот клинички центар во Скопје. Нагласи и дека во последна фаза се и се дефинираат протоколите за дисперзирање на третманот со онколошка терапија на овој вид пациенти. Како што истакна се прави функционална анализа на целиот здравствен систем а проблемот со онколошките пациенти е еден од приоритетните.
- Многу брзо онколошките пациенти амбулантската терапија ќе можат да ја примаат и во “8 Септември” во Скопје како и во клиниките во Битола, Штип и Тетово. Кадар има а правиме обиди и да ги поврземе со Универзитетската клиника во Скопје за да во првиот период бидат асистирани преку телемедицина и ценам дека за брзо време во некоја од овие клиники ќе може да имаме и ЦТ-симулатор со кој би се дефинирале терапиите и ќе се оди чекор понапред, истакнува министерот Алиу.
Азир Алиу – актуелен министер за здравство, денешен гостин во емисијата Стадион на Канал 77. Следете на линкот во продолжение: