Доктори од Македонија кои живеат и работат надвор од земјава ќе бидат вклучени во здравствениот систем за консултации и помагање на македонското здравство, ова е само една од новините кои се планираат со измените на законските решенија кои денес во гостување во емисијата Стадион на Канал 77 ги најави ресорниот министер Азир Алиу. Тој нагласи дека интензивно се работи на промени на дури 12 закони кои ќе треба да придонесат за подобрување и оптимизација на здравството во Македонија.
- Се прави функционална анализа на целиот здравствен систем за што секако ќе треба време, но сакаме проблемите да ги решаваме од корен, вели Алиу.
Тој истакнува и дека со години стојат отворени голем број прашања на кои конечно треба да се одговори.
- Имаме од една страна недостаток на медицински персонал а од друга невработени доктори и медицински сестри, недостаток на апаратура но и скапи апарати кои не се ставени никогаш во функција, вели Алиу. Имаме скапи апарати кои не се во функција – или недостига доктор кој ќе биде обучен да работи на тој апарат или апаратите се сеуште спакувани и стојат во магацин или подрум, додава Алиу.
Според него со новата методологија на финансирање и буџетирање на здравството на која веќе се работи ќе се надминат конечно и ваквите проблеми.
Во денешното гостување во Стадион Алиу зборуваше и за ангажманот на докторите специјализанти како и за тоа дека се планира реорганизација на специјализациите, а истакна и дека наскоро пациентите ќе можат преку посебна апликација во реално време да се поврзат со својот матичен лекар или соодветниот специјалист со што во голема мера ќе се намали времето на чекање како и редиците во клиничките центри.
Целосното интервју следете го на линкот во продолжение. Министерот за здравство Азир Алиу гостин во Стадион на Канал 77.