Во Дојран се’ се врати околу туризмот. Но, не треба да бидат заборавени граѓаните кои 12 месеци живеат со проблемите на малото место, кое во текот на летото знае да угости и по 15.000 туристи. Проблеми со редовното водоснабдување, намалувањето на водата во Дојранското Езеро, но и некои основни незадоволени потреби на граѓаните, како амбуланта, јавен превоз и банка треба да бидат приоритет на новата локална власт.
По осум години раководење со Дојран, Анго Ангов од СДСМ нема да биде кандидат за градоначалник на октомвриските Локални избори, откако СДСМ го кандидира Ристо Џинев, поранешен претседател на општинскиот Совет. Од актуелната општинска опозиција најавите се дека кандидатот на ЗНАМ ќе биде поддржан од ВМРО ДПМНЕ. Извесно е дека новата локална власт ќе има многу работа, бидејќи оваа мала општина тешко го издржува напливот на туристи и новите викендички и апартмани, борејќи се да ги обезбеди основните комунални потреби на жителите и нивните гости.
Буџет и до 3 милиони евра
Градоначалникот на заминување Анго Ангов вели дека успеал да ја преобрази општината од мала и неразвиена во финансиски далеку помоќна. Како што објаснува, од општина со буџет од 400.000 до 500.000 евра, сега располага со 2-3 милиони евра основен буџет.
– Успеавме од општина која беше мала и тапкаше во место да направиме една навистина прогресивна општина. Ние на некој начин се рамниме со поголемите општини и по остварени приходи и од продажба на земјиште, од се’. Од буџет кој сме го имале од 400-500.000 евра, сега сме на 2-3 милиони евра наш, основен буџет, плус другите дотации кои што ни стигнуваат од државата или од ЕУ фондови кои ги добиваме преку проекти. Може да бидеме задоволни, иако има уште многу да се работи, вели Ангов.
Езерото е центарот на внимание, а како капитален проект, кој го остава зад себе Ангов е пречистителната станица со реконструкција на колекторскиот систем, што се’ заедно чини 3,4 милиони евра. Проектот поврзан со прочистителната станица е дел од поголема иницијатива вредна приближно 4,5 милиони евра, а со која се планира и изградба на две мини пречистителни станици и канализациски систем во селата Фурка и Црничани.
За опозицијата капиталните проекти се најголем пропуст
Меѓутоа, локалната опозиција смета дека токму тука во големите проекти Ангов ги има најголемите пропусти. За неговата партија – СДСМ, од ВМРО ДПМНЕ велат дека е „партија која се води по принципите на „евро за општината евро за партијата“ со партиски вработувања што го преоптоваруваат буџетот на Општината, а проектите се „економски исплатливи само за џебовите на градоначалникот и партијата“. При тоа, набрјуваат, како што велат, „неколку неуспешни проекти, масовно најавувани но никогаш не на висината на успешен проект“.
– Проект за изградба на монтажна прочистителна станица во вредност од 266 милиони денари која би работела само за потребите на резидентното население на Општината без притоа да се земе во предвид летната сезона чиј број на граѓани достигнува и до 15 000. Новото Јавно претпријатие ЈПДП „Тауријан“, кое работи со загуба, а истата покриена со средства од буџетот на Општина Дојран во вредност од 3 милиони денари. Инаку претходно средства кои се слеваа на сметка на ЈПКД „Комуналец Полин“, кои како такви го одржуваа претпријатието на повисоко ниво од кое што се наоѓа сега во моментот. Проблеми со исплаќање на плати за вработените, потешкотии со јавните набавки за потребите на претпријатието, огромни сметки за потрошена електрична енергија која тарифа комуналното претпријатие не е во можност да ја исплати на ЕВН Македонија“, вели Дарко Јевтимов од ВМРО ДПМНЕ.
Градоначалникот Ангов пак смета дека токму со новоформираното јавно претпријатие „Тауријан“, чија дејност е туризам, паркинзи и стопанисување со јавен и деловен простор, е успешна приказна со воведувањето на три различни тури за ученици и домашни и странски туристи. Воведени се три рути кои се нудат на организирани групи од минимум 10 члена, за кои јавното претпријатие овозможува туристички водич, но и електрични велосипеди.
– Едната е езерска тура, за запознавање со флората, фауната и настанок на езерото. Таа е се одвива со електричните велосипеди, турата е покрај езерото. Втората е културно-историската тура, преку која се запознаваме со историјата на Дојран, со сето она што го има – црквата „Свети Илија“, Саат кулата, Турската бања, Музејот. И третата тура е до Фронтовата линија, која е за Првата светска војна и има огромен интерес од странските туристи, пред се’ Англичани и Бугари, вели Ангов.
Без амбуланта и банка Дојран место на транзитен туризам
Дојран е место за застанување на транзитните туристи, пред се’ на српските државјани на пат за Грција, додека е редовна тура за Грците, како најблиски соседи, кои доѓаат во саботите да испазарат, да посетат заболекар, да отидат на фризер и други потреби.
Шоуменот Игор Џамбазов, кој постојано се насели во Дојран, вели дека локалните власти не смеат да заборават дека Дојран е место за странски туристи, но пред се’ овде 12 месеци живеат граѓани, кои секојдневно се справуваат со предизвиците на немање постојана здравствена заштита и други потреби.
– На Дојран му недостасува амбуланта, која ќе работи 12 месеци во годината, а не само 2 месеци, како што работи сега. Му треба банка. Овде нема банка, па за најобична работам мора да одиме до Валандово, Богданци, Гевгелија или Струмица. Според мене, една од битните работи е да престане бесправното градење, да престане да се даваат дозовли за градење на угостителски и станбени објекти кои се наоѓаат на само десетина метри од езерото. Тоа е недозволива работа. Му треба ПР
-Јас лично како Игор се залагам за тоа Дојран да го добие своето место под Сонцето, се трудам да го изрекламирам и многу сум среќен што голем дел од туристите во Дојран ми приоѓаат и ми кажуваат дека дошле поради убавите приказни што ги раскажувам за ова волшебно место, вели Игор Џамбазов.
Џамбазов: Кој и да дојде, не го заборавајте Дојран
Според Џамбазов, на Дојран му треба долгорочна стратегија, како документ кој ќе го забрза развојот на општината. До новата локална власт, но и до централната во Скопје, има конкретна порака – Дојран не смее да биде заборавен.
– Што и да се случи на наредните Локални избори, Ве молам, Ве проколнувам, не го заборавајте Дојран. Дојран е еден од бисерите на Макеоднија. Направете се’ Дојран да го добие местото што го заслужува, порачува шоуменот Игор Џамбазов.
Деновиве Дојран ги живее своите интензивни туристички денови со наплив на летувалци токму околу Илинденските празници. Жителите се жалат на чести прекини на водоснабдувањето, а до пред некој ден во околината на селото Николич беснееше пожар, за кој жителите прстот го вперија во зачадената градска депонија. Граѓаните стравуваат дека езерото полека ќе го снема, доколку пумпите кои со години го полнеа езерото, набрзо не проработат. И покрај ветувањето, системот Ѓавато беше исклучен поради високите сметки за струја. Но, според познавачите, пред да почне повторно да пумпа вода, потребна е реконструкција, која засега не е во буџетска ставка на државата.
В.К.