Дали имаше лобирање за првичното усвојување на драфт извештајот за Македонија, кој ги содржеше деловите со „македонски јазик“ и „македонски идентитет“, праша новинарка во Бугарија на прес конференцијата во Европскиот парламент по усвојување на извештајот, каде беа избришани спорните делови за бугарските европратеници. Прашањето беше упатено до известувачот за Македонија Томас Вајц, кој на крај мораше да се објаснува дека сите негови средби, како што налагаат правилата на ЕП се уредно пријавени и заведени.
Новинарката инсистираше дека дека имало лобирање потврдуваат изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
-Од почеток има масивни клеветнички кампањи кои се неосновани. Ова е извештај на ЕП за Северна Македонија – како може да е непристојно да се среќавам со луѓе во Македонија? Госпоѓо, можеби можете да ја искористите приликата да си го преиспитате Вашиот пристап“, одговори Вајц, кој на крај објасни дека сите негови средби се уредно забележани како што налагаат правилата на ЕП.
Следеа уште неколку прашања од бугарските новинари за извештајот. Дали е грешка што во драфт извештајот беа содржани деловите со македонски јазик и идентитет, беше прашањето до Вајц.
-Не мислам дека е грешка, но мнозинството гласаше поинаку, одговори Вајц.
-ЕУ е изградена на помирување и на добрососедски односи и мислам дека на тоа треба да се фокусираме. И мислам дека сите земји во регионот, систе земји од Западен Балкан треба да се фокусираат за доброто на нашите граѓани, за доброто на економскиот развој, на општеството, особено во светлото на актуелната геостратешка ситуација. Најважно е да се држиме заедно, да ги здружиме силите во одбрана на нашите европски вредности“, рече Вајц.
Известувачот потсети дека останува задолжението на Македонија за усвојување на уставните амндани и почитувањето на малцинските права, како и спроведување на реформите.