В.Д. градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, поднесе кривична пријава против угостителите од трговскиот центар, поради доградбите во кои вршат угостителска дејност, а кои се предмет на спор со општината, која веќе ја започна постапката за нивно рушење:
- Помина три месеци од огромната трагедија која што се случи во Кочани. Таа трагедија се случи во угостителски објект, кој што работел надвор од сите законски прописи и стандарди. Во таа трагедија починаа 62 млади лица, а повеќе од 200 се повредени. Три месеци после таа трагедија, сеуште во Кочани имаме угостителски објекти кои што работат надвор од законските прописи и стандарди. Трагедијата која што се случи во Кочани е плод на институционални пропусти и корупција која што се случувала сите овие години. Жал ми е што многу угосители сеуште не се освестуваат, но жал ми е што многу институции сеуште не постапуваат соодветно со нивните надлежности. Во оваа прилика сакам да ја известам македонската јавност дека поднесувам кривична пријава против угостители за узурпација и за бесправна градба. Исто така, сакам да прашам повеќе институции како што е Државниот пазарен инспекторат, како е возможно да се толерира работа во дивоградби. Дали има контроли и што значат тие контроли на ДПИ? Зошто се дозволува работа во тие дивоградби? Сакам да прашам до Агенцијата за храна и ветеринарство, како е возможно да се добие ХАСАП дозвола за угостителски објект којшто служи храна доколку кујната е дивоградба? Како е возможно да се добие ХАСАП дозвола доколку во кујната постојат броила коишто се во непосредна близина на фритезата? Исто така сакам да прашам како е возможно да има приклучок на струја во тие угостителски објекти, знаеме дека на 30.12.2016 имаше несреќен случај каде што беше спречен пожар заради преоптеретеност на електричната мрежа? Исто така, сакам да прашам, како е можно да се прават елаборати кои што не соодветствуваат со реалната слика, нешто по примерот на Пулс. Даден е налог на инспекторката за животна средина да ги провери сите елаборати на сите угостителски објекти дали соодветствуваат со реалната слика. Со жалење можам да констатирам дека на угостителите коишто работат неаконски и нерегуларно, побитен им е личниот профит отколку безбедноста и здравјето на граѓаните. Загорезени се жителите на тоа подрачје, но и посетителите на нивните објекти. Јас како градоначалник нема тоа да го толерирам, бидејќи ова е најтешкиот период во поновата историја на Кочани и не смееме да замижеме после таа огромна несреќа и не смееме да дозволиме сеуште институциите да не функционираат. Затоа поднесувам кривична пријава против угостители и се надевам на брза и ефикасна реакција од страна на обвинителството, се со цел да не ни се случи Пулс 2, вели Крстевски.

Угостителите синоќа посочија дека сакаат преку дијалог да го надминат спорот со општината:
- Без разлика на се, ние како угостители сме спремни повторно да седнеме на маса со градоначалникот и надлежните служби во општината и одново да разговараме за ситуацијата. Да ни се објасни што смееме, а што не смееме да поставиме пред нашите објекти. Рушењето на времените објекти нема да биде од корист ни на нас сопственциите и вработените, ниту на општината, а најмалку на граѓаните, стои во заедничкото соопштение на угостителите од трговскиот центар.
Според угостителите, општината има селективен пристап, бидејќи и покрај стотиците решенија за рушење на дивоградби од изминатите години, приоритетот е ставен токму на угостителските објекти:
- Според наши сознанија инспекциските служби во Општина Кочани низ годините имаат донесено околу 700 извршни решенија за рушење на нелегални објекти. Прашуваме зошто општината прави селективност во рушењето, зошто се дава приоритет на нашите времени објекти за кои се донесени решенија во последниот месец, а не се рушат оние 700 објекти кои чекаат на извршување со години, велат угостителите.
(К.М.)
Фото: Facebook профил на Венко Крстевски