Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, заедно со Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, спроведоа координирана акција врз основа на наредби издадени од Основниот кривичен суд Скопје.
Предмет на истрагата се сомнежи за сторени кривични дела: злоупотреба на службена положба и овластување, примање поткуп и противзаконито посредување. Претресите беа извршени на вкупно осум локации во Скопје и Штип, вклучувајќи домови, возила и службени простории на Регионалниот центар за гранични работи Север.
Конкретно во Штип претрес се вршел во СВР Штип каде цел била Канцеларијата за регулирање престој на странци.
Наводно, Турци се жалеле дека даваат илјадници евра за да им се продолжи престојот.
Во акцијата се пронајдени и одземени релевантна документација, мобилни телефони, како и една воздушна пушка за која не постои соодветна дозвола. Според најавите од Министерството за внатрешни работи, по завршување на истражните дејства, јавноста ќе биде дополнително информирана за резултатите од акцијата.
Оваа операција е дел од пошироките напори на институциите за пресметка со корупцијата и заштита на професионалните стандарди во државните органи.