Медиумскиот бизнис во Македонија тешко дека може да се брои како „бизнис“ во однос на остварените приходи, барем за поголемиот дел од медиумите. Тоа што останува помалку познато за гледачите и слушателите на телевизијата и радијата е дека зад нашата работа има повеќе обврски кон регулаторните тела, покрај вообичаените кон државата, вклучително надоместокот за дозвола за емитување секоја година. Овој надоместок кон Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) од година во година расте, бидејќи не зависи од остварените приходи во медиумскиот сектор, туку е зависи од генералниот раст на Бруто домашниот производ (БДП), кој го чинат сите дејности. Медиумите се жалат дека надоместокот е превисок. Само за споредба – надоместокот за телевизско емитување во Македонија во 2023 година е 48.446 евра, додека во далеку поразвиените европски земји, како Италија на пример, тој износ е меѓу 500 и 7000 евра. Во Франција, Австрија, Белгија Естонија и Романија, медиумите воопшто не плаќаат ваков надоместок.
Кај нас, парадоксот е што надоместокот што медиумите го плаќаат е врзан со БДП кој реално нема поврзаност со работата на медиумите бидејќи најголем дел БДП влијае од извозните компании, ниско-висока градба и градежните вложувања на државата. Ниту еден од овие фактори не учествува во рекламирање, што значи дека медиумите не добиваат пари за маркетинг, бидејќи е дискутабилно колку таквите субјекти се рекламираат.
Со растот на бизнисите кои немаат врска со медиумскиот, расте БДП, а со воспоставената формула, расте и надоместокот што радијата и телевизиите го плаќаат. Со тоа, тој надоместок последниве години е дуплиран.
Сложена формула за поголем надмоесток
Надоместокот е определен воЧленот 80 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и се базира на сложена формула, која комбинира неколку критериуми:
– бројот на вкупното население во областа за која се издава лиценцата,
– видот на програмската услуга (телевизија или радио),
– форматот на радиодифузната услуга (општ, специјализиран, телешопинг или непрофитен)
Начинот на пресметка и плаќањето на надоместокот ги утврдува Агенцијата со посебен подзаконски акт. Агенцијата ги објавува податоците за висината на надоместокот на почетокот на секоја календарска година, по добивањето на најновите податоци од Државниот завод за статистика.
Според експертката Снежана Трпевска, моменталната законска одредба за начинот на пресметување на надоместокот е одамна застарен.
„Ова прашање беше анализирано во 2023 година, како дел од студиите што беа изработени во рамки на проектот за реформа на легислативата во земјава и усогласување со ЕУ регулативите. Но, процесот застана на половина, Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги беше усогласен во јули 2023 година со ЕУ Директивата од 2018 година, а потоа требаше да продолжи изработката на целосно нови законски решенија со кои ќе се опфати и прашањето на дозволите“, вели таа.
Во поглед на надоместокот, споредбените податоци покажуваат дека во повеќето земји на ЕУ (во 22 случаи од 29) релевантните органи бараат надомест за дозволата. Но, износите на надоместоците значително варираат, почнувајќи од симболични износи од неколку стотици евра (Естонија или Словачка) до релативно големи износи кои (на пример 100. 000 евра за национална лиценца во Германија и Словенија).
„Оваа формула, всушност, беше предложена од претставници на самата индустрија, и претпоставувам се засноваше врз сознанијата за тоа како се пресметува надоместокот и колку изнесува и во други земји. Но, јас немам поконкретни сознанија за тоа зошто формулата е таква каква што е“, додава Трпевска.

Нема иницијативи за промени
Повиците на медиумите за намалување на надоместокот е поткрепен и од документи и анализи за медимската легислатива и слободи во Македонија. Во еден од документите се потврдува дека постоечката формула за пресметување на надоместокот за лиценца изгледа застарена и премногу сложена и невозможно е да се споредат надоместоците со со други земји.
Сепак, засега, нема иницијатива која би работела на сеопфатна анализа со податоци, кои би воделе кон промена на посотечкиот систем. Имено, како што велат од Министерството за дигитална трансформација, до нив досега не пристигнале иницијативи за намалување на годишниот надоместок кој се плаќа на сметка на АВМУ.
„За да се направат промени во начинот на пресметување на надоместокот потребни се сеопфатни консултации и анализи во кои треба да бидат вклучени сите засегнати страни“, информираше Министерството.
Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници се на став дека се потребни одржливи решенија на долг рок за решавање на ова прашање.
„Проблемот со овој вид на ослободување од одредена давачка е тоа што не придонесува за подобрување на социо-економската состојба на новинарите и медиумските работници. Затоа, сметаме дека има простор за одредено намалување на овој надоместок, но од друга страна потребно е Агенцијата за медиуми поефикасно да ги спроведува другите свои надлежности кои се однесуваат на тоа медиумите кои ги регулира да ги исполнуваат сите други критериуми за добивање на лиценцата, особено со акцент на оние кои се однесуваат на кадарот во медиумите“, велат од ССНМ.
Тие додаваат дека е нејасно дали намалувањето на овој надоместок само по себе ќе придонесе за стабилизирање на медиумскиот пазар, особено затоа што таа стабилизација зависи и од низа на други фактори.
И покрај многуте поволности од ААВМУ, надоместоците и натаму високи
Според Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, анализите во континуитет покажуваат пад на приходите на радиодифузерите, што последниве години во голема мера се должи на последиците од пандемијата на КОВИД-19 и глобалната економска криза предизвикана од воениот конфликт меѓу Украина и Русија, кои сериозно ја погодија и македонската економија.
Што се однесува до евентуалното намалување на надоместоците за дозволи, во досегашната пракса, Агенцијата има констатирано дека е потребно да се преразгледа начинот на пресметување на надоместокот за специјализираните телевизиски канали, поради тоа што нема ниту еден ваков сервис, а истражувањата на јавното мислење покажуваат дека публиката има потреба од вакви сервиси.
„Во сегашниот закон е предвидена можност за намалување на висината на надоместокот за дозволата кај радијата од 10 до 30 отсто во зависност од пријавениот процент за дневно емитување домашна музика на македонски јазик и јазикот на етничките заедници. Секоја година, Агенцијата навремено ги потсетува радиодифузерите дека имаат право да ја искористат оваа можност“, додаваат тие.
Можни решенија
И ССНМ и АВМУ имаат предлози за унапредување на дејноста. Од ССНМ го афирмираат познатиот предлог за формирање на независен фонд за медиумски плурализам, кој нема да биде поддршка за медиумите, туку поддршка за новинарството.
„Овој фонд исто така би се користел неселективно, и кој би предвидувал уште во процесот на апликација заштитни механизми дека дел од парите кои би ги добил одреден медиум обврзително ќе завршат за подобрување на социо-економската состојба на новинарите и медиумските работници. Значи, сметаме дека каква и да е поддршка за медиумите која доаѓа од парите на граѓаните, мора да има строги критериуми и заштитни механизми кои ќе обезбедат подобрување на социо-економската состојба на новинарите и подобра програма која е од јавен интерес и од значење за граѓаните“, објаснуваат од ССНМ.
АВМУ пак, смета дека приватните медиуми треба да обезбедат квалитетна домашна продукција, за што треба да бидат поддржани.
„Агенцијата уште во Стратегијата која се однесуваше за периодот од 2019 до 2023 година, посочи дека е потребно „сериозно да се размисли за создавање на фонд за поддршка на домашната играна и документарна продукција, особено на дефицитарните телевизиски форми и жанрови, како што се на пример програмите за деца“. Сепак, изминатите години, и покрај најавите од Владата, не беа преземени посериозни чекори во овој правец. Ова прашање, како особено важно, Агенцијата го идентификуваше и во Стратешкиот план 2024-2028 година, во кој предвиде, во текот на 2025 година до Министерството за дигитална трансформација да достави предлог за започнување со активности за развивање стратегија и механизми за формирање фонд за поддршка на медиумскиот плурализам“, објаснуваат од Агенцијата.
АВМУ најавува дека ќе поднесе предлог до надлежното Министерството за дигитална трансформација за да се започне со активности за развивање стратегија и механизми за формирање фонд за поддршка на медиумскиот плурализам. Ова треба да биде на начин којшто ќе придонесе за создавање квалитетни радио и телевизиски програми од интерес на јавноста, без да се поткопува независноста на медиумите.
„Функционирањето на Фондот треба да биде со строго утврдени правила и критериуми при конкурирање за користење на средствата од фондот. За таа цел, неопходно е да се дефинираат целите на фондот како на пример продукција на квалитетна играна, документарна и образовна програма; поттикнување на творештвото, образовниот и научниот развој, поттикнување, унапредување и заштита на културниот идентитет, јазикот и традицијата на заедниците во Македонија и друго, одговорија од Агенцијата.
Министерството за дигитална трансформација е надлежно за законската регулатива во аудиовизуелната област, односно за измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Од таму додаваат дека во наредниот период ќе се отвори процес на усогласување на националното законодавство со Европскиот Закон за слобода на медиумите (Media Freedom Act), во рамките на кој ќе бидат разгледани сите понудени решенија и ќе бидат земени предвид насоките кои се европска пракса во таа област.
-Доколку во наредниот период се отвори процесот на изменување на законот ќе бидат земени предвид препораките на домашните радиодифузери за донесување решение кое треба да биде во согласност со европските регулативи и директиви, додадоа од Министерството за дигитална трансформација.
Топката е кај медиумите, експертите, инцијативите, групите кои со години се занимаваат со унапредување на дејноста, која очигледно, е со ограничен раст поради наметнатите обврски од државата.
Кристијан Трајчов