Роднини, пријатели родители, во голем број се пред Штипската клиничка болница, чекаат информации за здравбствената состојба на нивните деца.
Мобилизирани се сите тимови во Штипската клиничка болница. Овде се и волонтерите на Црвен крст кои делат вода на присутните пред болницата.
Повредените биле донесени со возила за итна помош од повеќе градови од источниот регион.
Најавена е изјава за јавноста на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во 9 часот пред полициската станица во Кочани.
На Скопските клиники, во Градската хируршка болница „Свети Наум Охридски “ и во „8 Септември“ хоспитализирани се повеќе од 80 потешко повредените лица во пожарот што ноќеска се случи во дискотека во Кочани.
Директорот на Градска болница „Свети Наум Охридски“ Небојша Насто потврди за МИА дека кај нив се примени досега 29 лица, меѓу нив и малолетници, со тешки изгореници на лицето, вратот и рацете.
Од ТОАРИЛУЦ за МИА изјавија дека кај нив досега примени се 31 лице, има и малолетници. Генерално сите со изгореници.
Во ГОБ 8 Септември, примени се 17 лица. На Детска хирургија четири лица.
Повеќето од повредените лица во пожарот во дискотеката во Кочани што се случи ноќеска се пренесени во кочанската општа болница каде се уште им се укажува медицинска помош.
Во првичната информација од МВР за МИА, се посочува дека најмалку 50 лица се загинати во дискотеката во Кочани во која ноќеска избувнал пожар за време на концерт на позната група.
МИА