Четиринаесет граѓански активисти од регионот, од кои шест од Европска унија, кои присуствуваа на конференција на граѓанското општество во Белград ноќта на 21 јануари беа приведени, а потоа и протерани од српските власти. При тоа, активистите биле земени од полицијата сред ноќ од хотелот каде биле сместените, биле испрашувани, по што биле депортирани поради „безбедносен ризик“. Меѓу протераните активисти има и граѓани на Македонија, како и од Хрватска, Словенија, Словачка, Албанија, Молдавија, Романија, Австрија и Чешка, кои биле дел од НВО академија организирана од Ерсте Фондацијата.
За случајот дипломатска нота упати Хрватска, додека од седиштето на ЕУ беше кажано дека овој случај се следи со внимание.
Со нотата, како што објави N1 Загреб, Хрватска побарала објаснување и изразила силен протест поради однесувањето кон петмина хрватски државјани во Србија.
На попладневниот брифинг портпаролите на Европската комисија беа прашани да го коментираат случајот со протерувањето на странските активисти од Србија.
-Граѓанското општество и слободните и независни медиуми играат важна улога во развојот на здраво и демократско општество. Тоа се европски вредности, што се прифатени и од земјите аспиранти за членство во ЕУ, беше генералниот став искажан на прес конференцијата.
Во изјавите на протераните активисти се тврди дека луѓето од полицијата, кои ги земале од хотелот не носеле униформи, а автомобилот не бил означен како полициско возило.
Во полициската станица било побарано да потпишат изјава на српски јазик која била усно преведена. Документот ги обврзувал да ја напуштат Србија на 23 јануари и им се забранува да се влезат во Србија во рок од една година. На пасошите им е ставен соодветен печат за забрана.
Хрватските медиуми објавија и дека пет хрватски државјани добар дел од ноќта ја поминале во полициски притвор во Белград поради заштита на „безбедноста на Република Србија и нејзините граѓани“.
Историчарката на уметност Ана Ковачиќ од Загреб, која го претставуваше кураторскиот колектив „Што, како и за кога/WHW“ на работилниците во Белград, за „Јутарњи лист“ изјави дека на 21 јануари учесниците на работилницата во хотелот каде што престојувале ги пречекале мажи во цивилна облека кои се идентификувале како „полицајци за странци“ и им кажале дека мора да одат со нив во полициска станица.
„Не’ донесоа во станица, повеќето од нашите колеги од работилниците беа веќе таму. Ги одведоа на едночасовно испрашување. Подоцна ми рекоа дека биле испрашувани за кои организации работат, кој ги финансирал, што се работеше за работилница, што конкретно правеле, со кого биле во Белград и зошто“, рече Ковачиќ.
Хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман изјави за новинарите во Давос дека сите случаи на „малтретирање на хрватските граѓани“ од Србија ќе бидат собрани и испратени до Европската комисија и Полското претседателство.
Еурактив објави дека има информации дека за развојот на настаните треба да се разговара на состанокот на амбасадорите на ЕУ.
Во меѓувреме се огласија повеќе граѓански организации од Србија со заедничко соопштение, во кое се бара од државата Србија, да им се извини на протераните активисти:
Ние, долупотпишаните, ја повикуваме јавноста да го сфати овој настан како знак дека повеќе не смее да биде толерантен кон постапките на властодршците и во овој чин да види доказ за нивната паника под притисок на општ општествен бунт. Кукавичкиот, незаконски и гнасен однос кон колегите од граѓанскиот сектор од земјите во нашето соседство е опасен обид да се зајакне нормативот за странски агенти, платеници и тајни служби чија намера е да ги заплашат граѓаните на Србија. Како заедница на слободни и солидарни работници во културата, испраќаме порака до сите наши колеги ширум светот, а особено до нашите соседи, дека ќе се потрудиме тоа никогаш да не се повтори. Одбиваме да прифатиме дека најблагородните вредности – соработка, почит, солидарност и благодарност – кои ги промовираме заедно со огромен број колеги од регионот, се дискриминирани, казнети, санкционирани, а нашите гости, соработници и пријатели се притворени, малтретирани и протерани од нашата земја без никаква причина и објаснувања. Имаше доволно жртви и трауми од војните националистички политики на истите тие власти, кои во текот на сите деведесетти, како и овие последни тринаесет години не срамота пред регионот и пред светот. Бараме државата Србија да им се извини на сите приведени колеги и нивните држави и итно да ги укине срамните одлуки на Министерството за внатрешни работи на РС, пишуваат активистите во заедничкото соопштение на 59 граѓански организации од Србија.
Министерството за внатрешни работи на Србија одби да одговори на новинарските прашања за протерувањето на странските државјани.