И по пет дена од случајот на труењето со храна на учениците во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски” во Аеродром остануваат отворени многу прашања од граѓаните. Општина Аеродром официјално молчи.
Освен информациите дека е извршена вонредна инспекциска контрола од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство, Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје – Скопје, дека се земени брисеви од примероци од храната, површини и персонал, дека се изречени времени мерки од ДЗСИ за затворање на училишната кујна и дека ИЈЗ откри токсини од бактерија во примероците од храна, ниту една дополнителна информација во насока на целосно разоткривање на случајот не е објавена во јавноста.
Родителите на учениците имаат право навремено и детално да бидат информирани за одговорите на следните прашања:
– Колку редовно се вршат контроли и кој е задолжен за одржувањето на хигиенските услови во кујните на училиштата на територија на Општина Аеродром?
– Какви се хигиенските услови во просториите каде што учениците ја консумираат храната и условите во тоалетите каде што учениците и персоналот одржуваат лична хигиена?
– Колку често се вршат контроли на исправноста и квалитетот на храната и каде се произведува храната за учениците? Во какви услови се чува храната пред и по подготвувањето до моментот на послужување на учениците?
– Колку често и на кој начин се вршат контроли на процесот на реализирање на јавни набавки и јавни повици за избор на доставувачи на храна во училиштата во општина Аеродром?
– Кој е задолжен за составувањето на дневното мени за храна и дали се консултирани стручни лица при утврдувањето на критериумите за избор на доставувачи на храна и избор на дневно мени прилагодено на возраста на учениците?
– Дали е точно дека во недостаток на средства за хигиена, родителите често сами се организираат за прибирање на дополнителни средства за набавка на течен сапун, влажни марамчиња, тоалетна хартија и слично? Потсетуваме дека ВМРО-ДПМНЕ вети дека ќе ги укине овие трошоци за родителите преку набавка на доволни количини на средства за хигиена.
– Конечно, колку време е потребно за утврдување на одговорноста за контаминирањето на храната и кои се мерките кои во таа насока ќе бидат преземени од страна на училиштата во Аеродром?
Недозволиво е Општина Аеродром по пет дена официјално да молчи за случајот. Освен одговорот на советничкото прашање на СДСМ кој в.д. градоначалникот Дејан Митески го даде на седница на општинскиот Совет за првичните мерки преземени на денот на откривањето на случајот, ниту една дополнителна информација не е пласирана во јавноста, ниту едно официјално соопштение, прес конференција, објава на интернет страницата на општината и слично.
Родителите на учениците имаат право да ги знаат овие детали поврзани со труењето на нивните деца. До кога Општина Аеродром ќе молчи за случајот?