Основното јавно обвинителство Струга поднесе Обвинителен предлог против градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко за кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353-в став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот свесно ги повредил законските прописи при именување вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Радолишта.
Иако Законот за основно образование предвидува дека вршител на должноста директор се избира од редот на вработените во училиштето кои ги исполнуваат условите за директор, обвинетиот на 12.01.2022 година за вршител на функцијата во училиштето во Радолишта именувал лице кое не ги исполнувало таквите услови, односно немало работно искуство од најмалку пет години во воспитно-образовна работа. Именуваната ја вршела функцијата директор на училиштето во периодот од 12.01.2022 до 31.07.2023 година, за кој период ѝ биле исплатени плата и придонеси како в.д. директор со што му била нанесена штета на училиштето.