Јак мирис на нафта и улица покриена со остатоци од горивото помешано со песок се’ уште е присутен во строгиот центар на Штип, зад Намата. Таму се излеа нафта стара со децении од цистерна, која изутрината била дислоцирана. Цистерната некогаш била закопана под земја, како резервоар за гориво за загревање на некогашната стоковна куќа Нама. Овој објект одамна не е во функција, откако се приватизира некогаш државната компанија „Нова трговија“, во чии рамки работеше Намата.
Цистерната е пронајдена од изведувачот на катната гаража, кој е проект на општината Штип и било побарано решение од општинската администрација како да се постапува понатаму. Градежните работи беа во застој неколку дена. Денеска цистерната е откопана и според информации од општината, нафтата почнала да тече при транспорт на откопаната цистерна.
Општинскиот еколошки инспектор немаше официјална информација како се случило излевањето на нафтата, бидејќи не добил налог да излезе на терен. Државниот инспекторат за заштита на животна средина, како што не’ информираа од таму, исто така нема излезено на терен.
Инспекторите, се очекува да утврдат дали и колкава е штетата по животната средина, како и дали е почитувана процедурата за транспорт на цистерната. Според законот, транспортот треба да се одвива во придружба, со сите запазени процедури. Излеаната нафта, исто така треба да биде предмет на инспекција. На терен, фреквентната улица каде е излеана нафтата е покриена со песок, како абразивно средства за впивање на горивото. Комуналните служби потоа, треба да го отстранат песокот.
Цистерната беше предмет на политичка пресметка. Маријана Рогожарска Поповска, советничка од СДСМ на прес конференција побара одговори од општината.
„Во мрак за никој да не ги види, во манири на најголеми криминалци синоќа локалните власти извршиле дислокација на цистерната без притоа да кажат каде ја однеле. На што се должи ова тајно дејствување не знаеме, но јавноста заслужува одговори на прашањата:
Каде е цистерната? Кој оператор ја дислоцираше цистерната, на која локација е дислоцирана и како ќе се постапува со истата понатаму? Ги повикуваме сите надлежни органи да излезат на терен и да утврдат до кој степен е направената штета“ , реагираше Рогожарска Поповска од СДСМ Штип.
На овие прашања со обвинувања за деструкција и кочење на проектите на општинската власт предводена од ВМРО ДПМНЕ, одговори градоначалникот Иван Јорданов, кој кажа дека првата катна гаража кај Домот на културата била со одложена реализација токму поради кривичните пријави од СДСМ.
-Граѓаните беа заложници на нивната деструкција и опструкција. Сега започнавме со нов паркинг на две нивоа и повторно се служат со истите методи. Пред неколку дена направија прес конференција дека на оваа локација дека не се работи и дека сме неспособни. Одговоривме дека станува збор за подземна инфраструктура за цистерната која ќе биде отстранета и дека ја нема никаде во подземна евиденција. Ја отстранивме цистерната, денеска излегуваат со прес конференција зошто сме ја отстраниле цистерната, рече градоначалникот Јорданов.
Цистерната беше откриена во средината на март при изведување на градежните работи на паркиралиштето. На 19 март Општината Штип соопшти дека работите привремено се прекинати додека не се најде решение.
На местото на сегашниот паркинг, се гради паркиралиште на кат со место за 27 возила.
В.К.