Основното јавно обвинителство Куманово поведе истрага против 19-годишник осомничен за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и психотропни супстанции од член 215 став 1, но и Напад на службено лице при вршење работи на безбедноста согласно член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
-На 25 март, при личен претрес на осомничениот пред станбената зграда во која живеел, полицијата пронашла околу 10 грама марихуана која претходно ја набавил од непознато лице, ја спакувал во седум помали пакувања и ја наменил за натамошна продажба. Додека му бил вршен претресот, тој од џебот извадил нож и им се заканил на полициските службеници, а со дршката од ножот удрил еден од полицајците, нанесувајќи му телесна повреда.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, а Основниот суд во Куманово го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.