Соопштение од ЈП „Паркови и зеленило“:
-Лажните вести и манипулациите со политичка агенда и малициозни намери се појава против која треба да се бориме како општество, почитувајќи ги притоа меѓународните конвенции за заштита на слободата на говорот, но и меѓународните конвенции за борба против говорот на омраза.
ЈП „Паркови и зеленило“ ја поздравува и поддржува намерата на Амбасадата на Кралството на Велика Британија во борбата токму против лажните вести и говорот на омраза, но би сакале да апелираме до претставниците на Амбасадата на Велика Британија детално и ревносно да проверуваат дали проектите кои тие ги финансираат со средства од даноците на граѓаните на Велика Британија се трошат во вистинска насока.
Имено, во рамки на проектот со кој се проверува транспарентноста на општините, финансираните медиуми се користат со целосно непроверени и неточни информации. Во најголем дел од случаите немаат ниту контактирано со претставниците на ЈП Паркови и зеленилo, ниту пак побарале информации од нас пред да објават новинарско „истражување“.
Вообичаено се објавуваат „истражувања“ во кои иако поставиле прашање до институциите воопшто не се потрудиле да почекаат да добијат одговор во разумен рок.
На овој начин, овие медиуми и новинари финансирани од парите на даночните обврзници на Кралството Велика Британија се трошат во водење на политичка кампања со цел оцрнување на една од двете жени градоначалнички во Р.Македонија, а доволно е само да се проверат страницата на самото јавно претпријатие и нашите социјални медиуми каде ги објавуваме сите акции за садење, кога веке ниту еден медиум не сака да ги објави тие вести кога се обидуваме со соопштенија да ги споделиме со јавноста.
Воедно ЈП Паркови и зеленило ги демантира дезинформациите објавени во прилогот на интернет порталот „ММС.МК“ со наслов „Ветувањата се претворија во енигма: Дали и каде „никнаа“ илјадниците дрвја што ги најавуваше Арсовска?“. Без да ја провери вистинитоста на информациите порталот ММС.МК со прилогот сериозно му наштетува на ЈП „Паркови и зеленило“. Сакаме да нагласиме дека ЈП „Паркови и зеленило“, покрај останатите надлежности, е надлежно за садење на дрвја и садници во градското зеленило кое е под надлежност на Град Скопје, а екипите на претпријатието спроведуваат акција за засадување на нови дрвја секаде каде во изминатите години биле исечени и отстранети.
Не е точно дека советниците немаат информации, и истите само тераат политика за задоволување на суетите на нивните партиски лидери. Советниците во Град Скопје добиваат редовни извештаи за спроведувањето на активностите на претпријатието и истите треба само да ги прочитаат за да ја имаат информацијата. За 2022 и 2023 година посадени се повеќе од 1,3 милиони дрвја, садници и цветен расад, што е повеќе од 10 години претходно заедно.
Со почит,
директор на ЈП Паркови и зеленило Сефи Шабани
Одговор од ММС:
Редакцијата на Македонски медиа сервис го цени обидот на Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ да се произнесе во врска со текстот поврзан со предизборното ветување за садење на сто илјади дрвја годишно, во кој всушност името на ова претпријатие не е ни споменато воопшто, па оттука нејасно е како е доведен во прашање нивниот углед.
Точно е дека ЈП „Паркови и зеленило“ како институција не е контактирана за потребите на текстот, а причината за тоа е фактот дека тој се однесува на предизборното ветување на актуелната градоначалничка, Данела Арсовска.
Оттука и нашите новинарски прашања беа испратени до нејзиниот кабинет.
Сметаме дека доколку прашуваме до каде е реализацијата на даденото предизборно ветување, одговорот треба да го дадат од кабинетот на градоначалничката која го споменала тоа ветување во својата предизборна кампања, како во пишаната програма, така и во рамки на своите прес конференции.
Исто така, нашата редакција јавно го прашува ЈП „Паркови и зеленило“ што поточно значи новинарите да се потрудат да добијат одговори во разумен рок, со оглед на тоа дека до Град Скопје се испратени прашања на 07. 11.2023, односно на 16.11.2023, а до моментот на објавување – 22.11.2023 одговорите не се добиени. а не се добиени ниту по објавувањето на текстот, па до денес.
Прашањата не се испратени само еднаш, туку два пати. Вториот пат се доставени на 16.11 како одговор на соопштение за реализирана акција за пошумување, но повторно не следуваше одговор.
Во однос на напомената дека доволно е да се провери страницата на јавното претпријатие и социјалните медиуми, редакцијата укажува дека новинарите не се должни ниту пак е возможно да ги проверуваат објавите за изминатите две години и да се пребројуваат колку акции се реализирани, а следствено на тоа и колку дрвја се засадени.
Доколку Град Скопје има сектор за односи со јавноста, неговата улога е токму комуникацијата со медиумите, а не игнорантски однос на прашањата кои ги доставуваат новинарите.
Освен тоа, објавениот текст нема за цел оцрнување на градоначалничката, Данела Арсовска, како што тврди ЈП „Паркови и зеленило“. Сосема е непотребно да се „игра на картата“ на родовите прашања, бидејќи тоа што скопската градоначалничка е една од само две жени градоначалнички во државата, апсолутно не значи дека новинарите не треба да поставуваат прашања за проектите кои ги ветила.
Напротив, токму преку транспарентност и отворена комуникација со медиумите која води до поголема отвореност на граѓаните, може да се покаже дека жените знаат и умеат да се носат рамо до рамо со мажите во политиката.
Во делот со информациите што ги поседуваат советниците, ММС исконтактира двајца советници и нивните ставови се пренесени коректно како што биле кажани и редакцијата нема за цел да прикажува, како што се наведува во самото соопштение, суети на какви било партиски лидери.
Во прилог објавуваме доказ за „разумниот рок“, кој во овој случај траеше шест, односно 10 дена, а одговор на нашите прашања нема ниту по објавување на истражувањето, ниту до денес. Не ни е познато дека ЈП „Паркови и зеленило“, односно директорот, има врска со предизборното ветување на Арсовска, дека е дел од кабинетот на градоначалничката, ниту, пак, дека е дел од службата за односи со јавост за да на нивна адреса ги испратиме прашањата.
Со почит,
Македонски медиа сервис