Охридскиот регион го задржа статусот светско наследство од универзална вредност, заштитено од УНЕСКО. Како што соопшти Владата, одлуката регионот да остане на листата е соопштена на 45-тата сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, што се одржува во Ријад, Кралство Саудиска Арабија.
Според владиното соопштение, таквата одлука потврдува дека Комитетот ја препознал грижата на Република Северна Македонија за богатото охридско културно наследство и одговорноста кон Охридското Езеро.
-Комитетот ги уважи заедничките напори на Република Северна Македонија и Република Албанија за зачувување на престижниот статус на Охридскиот Регион како светско наследство, се наведува во соопштението.
На сесијата во Ријад присуствуваа министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова. Тие упатија благодарност до земјите-членки на Комитетот за светско наследство, кои со донесената Одлука ги валоризирале искрените заложби на Владата на Република Северна Македонија, како и на вклучените експерти, претставници на граѓанскиот сектор, на општините, во преземените активности за зачувување на статусот на Охридскиот Регион.
-Важноста на Охридскиот Регион е немерлива и трајна. Затоа, наша должност е да не го загрозуваме нашиот Охридски Регион, Регионот што светот го препозна и ја верификува неговата уникатност, како едно од 39-те мешовити добра во целиот свет, односно 43-те прекугранични добра, рече министерката Костадиновска-Стојчевска по Одлуката.
Веста ја коментираше и министерката за заштита на животна средина, Каја Шукова.
„Свесни сме дека пред нас е голем предизвик и сериозна работа која бара соработка и посветеност на сите засегнати страни. Благодарни сме што Комитетот ги призна напорите направени од Северна Македонија и затоа ни го обезбеди потребното време да продолжиме да правиме значајни чекори кон заштитата, зачувувањето и одржливото управување со Охридскиот регион. Работејќи заедно со Република Албанија, ние сме решени да го направиме управувањето со оваа локација пример за соработка, да го обезбедиме интегритетот и автентичноста на Охридскиот регион и да го пренесеме на следните генерации. Заштитата на природата и биодиверзитетот остануваат наша цел, како што е донесување на Закон за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје во категорија IV – Парк на природата и нов Закон за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје во категорија III – Споменик на природата, реагираше Шукова.
На сесијата на Комитетот на УНЕСКО министерките Костадиновска-Стојчевска и Шукова се обврзаа на спроведување на израбениот Стратегиски план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион со Акциски план, што е значаен чекор во детектирањето и справувањето со факторите коишто имаат негативно влијание врз вредностите на Регионот.