Минимално зголемување на цената на струјата за првиот блок од 0,28 отсто, за вториот блок пораст од 2,88 отсто и за третиот и четвртиот блок за близу 10 отсто, се новите цени по кои ќе се тарифира електричната енергија по три дена. Ова се цени без пресметана мрежарина.
Од толку споменуваната евтина струја во текот на денот засега нема ништо. Поради процесот на подесување на броилата, дневната евтина струја ќе се применува од 1 декември во периодот од 13 до 15 часот и останува од 22 часот до 7 наутро и во недела.
-Евтината тарифа не ја воведуваме од какви било политички причини, туку заради сигналот на цената на електрична енергија на сите берзи во Европа, вклучувајќи ја и нашата. Цената на електричната енергија осум месеци наназад е пониска дури и од цената после 24 часот, кажа Марко Бислимовски од РКЕ.