Телото на Мемет Камбер кој почина на 19-годишна возраст, денес ќе биде предадено на роднините, соопшти Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“.
Институтот информираше дека по најавите за предавање на телото, најавениот протестот пред Собранието нема да се одржи. Сепак од „Ромалитико“ најавуваат дека ќе продолжат и понатаму гласно да ја застапуваат проблематиката, да бараат измена на потребната законска регулатива и доследно третирање на овие лица од сите институции.
-Ромалитико“ очекува од пратениците на Собранието денес да ги разгледаат понудените измени и дополнувања во Законот за матична евиденција, да ја сфатат ургентноста на решавањето на прашањето на лица без извод од матична книга на родени и понатака да ги усвојат измените. Им благодариме на медиумите за нивната проактивност и очекуваме од нив и понатака да бидат заинтересирани за оваа проблематика. Ваквите случаеви да не се повторат – порачаа од Институтот.
Според информациите, погребот на Мемет е денес во 14 часот на градските гробишта во Бутел.
Тој почина на 24 мај на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). Мемет не е во групата на невидливи лица за државата, бидејќи тој има извод и е запишан во матичната книга на родените, но не поседувал здравствена книшка и поради што не одел на здравствени прегледи. Починал поради нетретиран дијабетес, бидејќи немал пристап до здравствени услуги.